Луѓето во индискиот град Канпур го дишат најзагадениот воздух во светот, покажа неодамнешно истражување на Светската здравствена организација.
Во ова населено место со три милиони жители во северниот дел на земјата, поради загадувањето во болница се голем број луѓе со хронични заболувања на белите дробови и тумори.
Ананд Кумар, лекар во локалната болница „Мурати Лал“, специјализирана за пулмологија и болести на дишните патишта, вели дека бројот на пациентите се зголемил од околу 40.000 во 2015 година на 64.000 минатата година.
Вкупно 14 од 15-те градови со најзагаден воздух, според истражувањето, се во Индија, се истакнува по повод денешниот Светски ден на животната средина.
Канпур е познат по својата индустрија за кожа и обувки, но според локалните власти, најголем виновник за загадувањето се 1,5 милиони возила што сообраќаат во градот.
Во својот извештај, СЗО користи официјални податоци од Индија за 2016 година за нивото на фините честички прашина кои се најопасни бидејќи продираат во белите дробови. Нивното просечно ниво таму е 173 микрограми на кубен метар или седум пати повеќе од дозволената граница.
Според локалните власти, загадувањето на водата е уште поголемо од загадувањето на воздухот поради фабриките за кожа, кои често се обвинуваат дека ја загадуваат реката Ганг која тече низ градот.