Во „Твитер“ започнува нова ера – компанијата ќе ја води Индиецот Параг Агравал. Со тоа, како шеф на голема технолошка компанија, тој им се придружува на своите сонародници како Сатја Надела и Сундар Пичаи, кои повеќе години се врвни менаџери во најпознатите американски ИТ-компании
Продолжува трендот врвни индиски ИТ-експерти да бидат назначувани на чело на американски мегакомпании
Џек Дорси мошне ја изненади технолошката заедница, откако во понеделникот го најави своето заминување од челната позиција во „Твитер“. Тој со години беше заштитно и препознатливо лице на компанијата и социјалната мрежа, а можеби уште поголемо изненадување од неговото напуштање на функцијата извршен директор, претставува името на личноста што тој ја назначи за свој наследник и која би требало да ја води компанијата во текот на следните години.
Кој е Параг Агравал, новиот прв човек во „Твитер“?
Освен за луѓето што се добро упатени во менаџментот на „Твитер“, Параг Агравал е мошне анонимно име, иако се работи за човек што во оваа компанија работи веќе една деценија. Агравал во САД дојде од Индија, по дипломирањето на Институтот за технологија во Мумбај. Пред вработувањето во „Твитер“, тој се запиша на докторски студии по филозофија и компјутерски науки на „Стенфорд“, а работеше и во „Мајкрософт“, „Јаху“ и „Ај-ти-енд-ти“, за во 2017 година да седне на местото извршен технолошки директор во „Твитер“, пренесува „Дневник.хр“. Почнувајќи од оваа недела, улогата на Параг Агравал значајно ќе се промени, бидејќи, како прв човек на оваа популарна социјална мрежа, тој постојано ќе биде под будното око на јавноста и медиумите, кои ќе го следат секој негов потег. Му претстои голема работа, затоа што има задача да го зголеми бројот на корисници, но и приходите на „Твитер“, а притоа ќе треба да се бори со проблеми како што се ширењето лажни информации и говорот на омраза на оваа мрежа. Она што е навистина многу интересно, а што веднаш по објавувањето на новото име на извршниот директор на „Твитер“ беше искоментирано од страна на првиот човек на „Страјп“, Патрик Колисон, како и од Илон Маск, е фактот што Агравал е само еден во низата Индијци што ги презедоа челните позиции во некои од најголемите американски технолошки компании.
Индијци, ИТ-експерти, но и врвни менаџери
Сатја Надела – Индиецот што реши своето образование да го продолжи во САД, во 2014 година ја презеде функцијата извршен директор во „Мајкрософт“. Во компанијата е уште од 1992 година, има водено голем број важни проекти и учествуваше во транзицијата на компанијата, која радикално го промени начинот на дејствување и, меѓу другото, се фокусираше на клауд и други услуги. Од неговото преземање до денес, цената на акциите порасна за неколкупати, па така, неодамна во еден краток период, „Мајкрософт“ беше најскапата компанија на светскиот пазар, чија вредност денес изнесува повеќе од 2,5 милијарди долари. Сундар Пичаи – Како и Агравал, по дипломирањето во Индија, тој своето образование го продолжи на „Стенфорд“, а во „Гугл“ се вработи во 2004 година. Во текот на изминативе години, неговата улога постојано растеше, за конечно Лери Пејџ и Сергеј Брин да му го доверат водењето на матичната компанија „Алфабет“, во чиј состав спаѓаат „Гугл“ и други компании, кои порано беа посебни одделенија на „Гугл“.
Арвинд Кришна – И неговата приказна е слична на другите. Ја напушти Индија, сакајќи своето образование да го продолжи во САД, а во 1990 година се вработи во „Ај-би-ем“. Посебно е истакнат неговиот придонес за време на најголемата аквизиција на една компанија во историјата – преземањето на „Ред хет“, која тогаш „тежеше“ дури 34 милијарди долари. Во април минатата година, Кришна беше промовиран во нов извршен директор на „Ај-би-ем“.
Шантану Нарајен – Во САД пристигнува уште во текот на 1980-тите, а на крајот на 1990-тите се вработува во „Адоуб“. Во средината на 2000-тите беше именуван за претседател и оперативен извршен директор на компанијата, за во 2007 година, по оставката на дотогашниот прв човек, Брус Чизен, да биде назначен за извршен директор на „Адоуб“, позиција на која се наоѓа и денес.
За пошироката јавност, ова се, секако, најпознатите Индијци во технолошкиот бизнис, но на списокот би можеле да се додадат и имињата на Никеш Арор – извршен директор на „Паоло алто нетворкс“, како и на Рагу Рагурам – прв човек на компанијата „ВиЕмвер“, но и на многу други нивни сонародници.