Пред деветнаесет години, САД ја започнаа војната во Авганистан. Што оставија зад себе?
Автор: Емран Фероз
Форин полиси
Неодамна имав интересен разговор со еден авганистански пријател во Австрија, кој ја напуштил татковината со неговото семејство пред речиси две децении. Повеќето од неговите школски пријатели им се приклучиле на талибанците да се борат во војна во која буквално биле родени. Мојот пријател не потекнува од Кабул или други градови каде што падот на талибанците беше поздравен пред 19 години, кога започна инвазијата на САД. Тој е роден во Мајдан Вардак, провинција која се наоѓа на 40 минути јужно од главниот град, кој во голема мера дури и сега е под контрола на милитантите. Војната која изби за да се протераат талибанците сега има неславен крај речиси две децении подоцна, со тоа што истите талибанци сега се во позиција за некаков договор за поделба на моќта со Кабул. По долги години војување, разочарувања, неисполнети ветувања и уништени животи, во Авганистан многу малку нешта се променија. Целиот живот се борам да ја откријам причината. Сè започна на 12 септември во 2001 година, денот по терористичките напади на Светскиот трговски центар. Мојата наставничка во основно училиште во Австрија ме праша за терористите кои го нападнаа Њујорк, градот каде што никогаш не сум бил.
Кога моите родители ги гледаа вестите за државата која одамна ја напуштија, јас седев со нив во дневната соба. Иако многу урбани Авганистанци, особено во Кабул, го славеа падот на талибанскиот режим, ги избричија брадите и ги фрлија бурките, кои се познати сцени во западните медиуми, брзо стана јасно дека не беше сè црно и бело. Се сеќавам на еден постар Авганистанец кој плачеше пред камера. Тој изјави дека американски војници го заробиле и мачеле неговиот син без никаква причина. Други опишуваа како нивните домови биле бомбардирани и како ги загубиле своите синови и ќерки. Многу години подоцна, седев со луѓе како нив и ги слушав нивните приказни. Но сега, јас сум тој што треба да ја објасни тамошната состојба од теренот пред светот. Зошто ништо не даде резултат? Зошто Авганистан сè уште се соочува со толку војување и масакри? Како може да се реши овој хаос?
На 7 октомври, 2001 година, првиот вооружен напад со дрон беше извршен во јужниот град Кандахар во обид да го лоцира талибанскиот врховен лидер и учител (мула) Мухамед Омар. Тогаш, не постоеше ниту една соодветна фотографија од целта, но американската војска и разузнавачи беа сигурни дека нивните „Предатори“ го лоцирале едноокиот лидер, кого честопати го опишуваа како десната рака на Бин Ладен. Но не беа во право. Ракетата „хелфајр“ погоди неколкумина Авганистанци, но меѓу нив не беше мула Омар и никој не праша кој загина тогаш. Тоа беше пример за шема на неселективни напади кои постојано се повторуваа низ годините додека траеше војната додека американските дронови, кои се продаваа како „скапоцени оружја“ за убивање на талибанците и лидерството на Ал каеда, гонеа и ловеа невини авганистански селани.
Мустафа, кој не сакаше да го открие својот идентитет, ми објасни кога бев во посета на неговото село под контрола на талибанците, само неколку недели по детонацијата на таканаречената „мајка на сите бомби“, дека „тие ја користеле државата како игралиште за оружје и дека тамошните човечки животи воопшто не се вредни“. Побогатите Авганистанци ги напуштиле своите домови и избегале во Европа или други држави. Мустафа немал таква шанса. Тој го критикуваше мноштвото здравствени проблеми кои ги мачат локалните жители како последица на бомбардирањето. Повеќе од две години подоцна, авганистанските пратеници побараа истрага за здравствените последици од масовното бомбардирање на локалното население.
Во северната провинција Баглан, војната беснее и ден денес и покрај февруарскиот договор меѓу талибанците и американските сили за отпочнување на мировните преговори со цел да се стави крај на насилството. Мнозинството од Авганистанците и натаму се сиромашни и обесправени, додека клептократските елити се борат да ги зачуваат нивните привилегии. Деветнаесет години по избувнувањето на војната, чија цел беше да се уништат Ал каеда и Талибанците и да се редефинира Авганистан, се чини дека САД всушност изгубија. Талибанските лидери, кои некогаш беа гонети од страна на дронови или завршуваа во затворот во Гвантанамо, сега победнички се перчат во преговорите со високи американски претставници. Во меѓувреме, политичката елита во Кабул не се грижи дали ќе ја загуби државата, туку се плаши да ги загуби нејзините позиции, привилегии и неброените пари со кои многумина од неа се збогатија.
Војната против тероризмот во Авганистан вети реконструкција, женски права, економска динамика, правда за терористичките напади од 11 септември и демократија. Ништо од тоа не се оствари. По две децении на неостварени ветувања, сериозни политички грешки, безбројни неуспеси и постојани војни и уништувања, иднината на Авганистан сè уште е неизвесна. По две децении на безбројни посети и интервјуа со Авганистанци во и надвор од државата, јас сум во истата позиција како кога имав девет години и ме караше наставничката на училиште. Сè уште ги немам одговорите и се прашувам дали воопшто некогаш ќе дојдам до нив.
Превод: Билјана Здравковска