Илјадници студенти и ученици од Хонгконг ги бојкотираа денеска часовите и предавањата и се собраа протестирајќи во Хонгконг.
-Напнатоста беше голема, а кога падна ноќта дојде до неколку мали судири, пренесе „Ројтерс“.
Полицијата со солзавец ги растера демонстрантите во густо населениот регион Монгкок на полуостровот Каулун.
Студентите на протестите побараа поголема демократија за оваа поранешна британска колонија, која е вратена на Кина во 1997 година, според формулата „една држава, два система“.
На првиот ден од школската година средношколците пееја, формираа човечки синџир, а дел од нив носеа капи и маски.
Кина ги обвинува западните земји дека ги охрабруваат протестите и наведува дека Хонгконг е нејзино внатрешно прашање.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг, ја повтори поддршката за лидерката на Хонгконг, Кери Лем.