Израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман денеска изјави дека војската нема да го менува својот остар став кон масовните протести предводени од Хамас во близина на границата на Израел и појасот Газа, предупредувајќи дека тие кои се приближуваат кон границата го ризикуваат сопствениот живот.
Либерман ваквата изјава ја даде пред група новинари во близина местото на границата кон Газа, каде израелските сили убија 18 Палестинци во петокот, на првиот ден од, како што најави Хамас, шестнеделните непрекинати протести „против израелската блокада“ на енклавата.
Тој воедно го предупреди Хамас да се откаже од „континуираните провокации“.
– Воспоставивме јасни правила на терен и немаме намера да ги менуваме. Секој кој ќе се приближи до границата го загрозува сопствениот живот – изјави Либерман.