Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди зајакнување на силите во јужниот дел на земјата како одговор на ракетните напади од областа Газа. Палестинските милитанти во текот на викендот истрелаа најмалку 500 проектили врз Израел, на што израелската авијација и артилерија одговорија со бомбардирање на околу 220 позиции и инсталации на Исламски џихад и Хамас. Во досегашната размена на ракетни напади се убиени најмалку седум лица, шестмина Палестинци и еден Израелец, а ранети се повеќе десетици лица на двете страни.
Нетанјаху вети дека ќе продолжат масовните воздушни напади врз позициите на милитантите во Газа. По вонредната седница на Владата, тој изјави дека мобилизацијата на војската е неопходна за заштитата на Израел од понатамошни ракетни напади. По наредба на Нетанјаху, војници од 7-та оклопна бригада биле префрлени во јужниот дел на земјата.
Неговите директиви следуваат само неколку часа откако беше објавено дека засолништата од бомби во Ришон Ле Цијон, на само десет километри од Тел Авив, се отворени за јавноста. За дел од експертите, ваквиот развој на настаните сугерира дека Израел се подготвува за долгорочна ескалација со Хамас.
– Повеќе индикатори покажуваат дека Израел планира да продолжи со најновата ескалација во Газа. Во прилог на тоа оди испраќањето копнена дивизија на југот, откажување на часовите во училиштата во таа област, како и отворање засолништа во подалечните области, како што е Ришон Ле Цијон – оценува безбедносната аналитичарка Мириам Голдман Епс.
Нападите од викендот се први смртоносни ракетни напади од Газа по конфликтот во јули и август 2014 година. Тогашната израелска копнена офанзива во Газа резултира со смртта на 67 израелски војници. Хамас и неговите сојузници лансираа околу 4.000 ракети и минофрлачки гранати, при што беа убиени шест цивили во Израел. На палестинска страна, во седумнеделниот конфликт животот го загубија 2.251 лице, меѓу кои и 1.462 цивили.