Израелскиот парламент го изгласа законот со кој државата ја прогласи за национален дом на еврејскиот народ. Се работи за главно симболична декларација, која, сепак, предизвика жестоки расправии и реакции од левичарската опозиција и пратениците од арапската заедница.
Законот беше поддржан од 62 пратеници, додека, пак, 55 пратеници гласале „против“. Со него, Израел се означува како демократска држава заснована врз еврејските вредности и е израз на правото на Евреите за национално самоопределување, со Ерусалим како главен град, со еврејскиот календар како официјален календар и со празнување на традиционалните еврејски празници. Досегашната формулација дека арапскиот јазик е во службена употреба е избришана и заменета со изразот „специјална употреба“, но се наведува и дека нема да биде намалено досегашното ниво на користење на арапскиот јазик.
– Со овој закон се утврдуваат основните принципи на нашето постоење. Израел е национална држава на еврејскиот народ, која ги почитува индивидуалните права на сите свои граѓани. Тоа е нашата држава, нашата нација, јазик и знаме – порача израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху.
Претседателот Реувен Ривлин го критикуваше донесувањето на Законот, предупредувајќи дека тој може да доведе до дискриминација врз нееврејските жители на земјата, а најсилните критики дојдоа од арапските пратеници во парламентот.