Двајца Палестинци се убиени и околу 250 се повредени од истрели на израелски војници при судири во близина на оградата која ги дели Газа и Израел, соопшти Министерството за здравство во Газа.
Во минатинеделното насилство во ова подрачје загинаа 19 лица. Денеска во болницата почина еден од повредените, а подоцна беше убиен 29-годишен Палестинец во реонот на Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа. Друг Палестинец бил застрелен источно од градот Газа, прецизираа палестинските власти.
Претставник на израелската армија денеска изјави дека војниците „нема да дозволат никакви пробиви во безбедносната инфраструктура и оградата, која ги заштитува израелските граѓани“.
Претставник на Хамас повика демонстрациите да бидат мирни.
– Почитувањето на мирниот карактер на протестите ќе ја скрши ционистичката пропаганда – рече тој.