Шпионскиот скандал со софтверот „Пегаз“ на компанијата „НСО“ веќе не претставува главна тема во Израел, откако беше засенет од контроверзите во врска со американската компанија за сладолед „Бен енд Џерис“, пишува „Вашингтон пост“. Компанијата од американската сојузна држава Вермонт преку соопштение порача дека веќе нема да продава сладолед во „окупираната палестинска територија“. „Бен енд Џерис“ е основана од двајца американски Евреи и има долго минато на активизам за социјална правда.
Произведувачот за сладолед нагласи дека ќе „остане во Израел“ без разлика на одлуката на државата да ја ограничи нејзината продажба, но симболичниот гест на „Бен енд Џерис“ предизвика жестока реакција од водечките израелски политичари, како и од нивните сојузници во САД.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет истакна дека компанијата одлучила да се брендира како „антиизраелски сладолед“, додека израелскиот претседател Исак Херцог кажа дека одлуката на „Бен енд Џерис“ е „нов облик на терор“. Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид, пак, го опиша потегот на произведувачот на сладолед како „срамно потклекнување на антисемитизмот“. Повеќе израелски политичари повикаа на бојкот на „Бен енд Џерис“.
Многумина патриотски настроени Израелци се согласуваат дека окупацијата на Западниот Брег, која влегува во 54-та година, треба да заврши, но малкумина сакаат да добиваат морални инструкции од „Бен енд Џерис“ – пишува „Блумберг“.