Израелската војска соопшти дека нејзината артилерија рано утрово го гранатирала јужен Либан, како одговор на две ракети истрелани од Либан кон израелска територија.
Како што е наведено, противвоздушната одбрана пресретнала една од ракетите, а другата паднала на отворен простор. Нема извештаи за повредени или штети.
Ракетен оган од Либан е прв ваков прекуграничен инцидент од мај, кога палестинските екстремисти истрелаа ракети кон Израел за време на 11-дневната војна меѓу израелската армија и екстремистите од Хамас, на Појасот Газа.
Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц изјави дека Либан е одговорен за ракетниот напад во текот на ноќта, најавувајќи дека „Израел ќе дејствува против каква било закана за неговиот суверенитет и неговите граѓани“.
– Нема да дозволиме социјалната, политичката и економската криза во Либан да се претвори во безбедносна закана за Израел – рече Ганц.
Либан се соочува со големи кризи, вклучително и економски колапс, што предизвика загриженост во врска со зајакнувањето на милитантните тенденции.
Инцидентот се случи неколку часа откако сириски воен претставник изјави дека Израел извршил воздушни напади во близина на сирискиот град Алепо на север.
Сириската државна новинска агенција објави дека противвоздушната одбрана пресретнала повеќе ракети.
Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права, со седиште во Велика Британија, која ја следи граѓанската војна во таа земја, објави дека мета на израелските удари биле складиштата за оружје што им припаѓале на екстремистички организации во регионот.
Израел во последните неколку години изврши неколку напади, насочувајќи се кон иранските сили и конвоите со оружје наменети за проиранскиот Хезболах во Либан.