Германските медиуми оценуваат дека дебаклот на ЦСУ ќе има последици и врз сојузната политика. Некои од весниците, пак, наведуваат дека по изборното фијаско, време е баварскиот премиер Маркус Зедер да поднесе оставка

Христијанската социјална унија (ЦСУ) доживеа вистинско фијаско на локалните избори во Баварија, постигнувајќи го најлошиот резултат по 1950 година. ЦСУ, која е сестринска партија на демохристијаните на канцеларката Ангела Меркел, по повеќе од половина век повторно го загуби апсолутното мнозинство во покраинскиот парламент. Истовремено, најголем победник на гласањето во неделата е Партијата на зелените, која доби 18 отсто од гласовите. Германските медиуми оценуваат дека дебаклот на ЦСУ ќе има последици и врз сојузната политика. Некои од весниците, пак, наведуваат дека по изборното фијаско, време е баварскиот премиер Маркус Зедер да поднесе оставка.

Резултатите покажуваат дека ЦСУ загубила над 12 отсто од гласовите, добивајќи ја поддршката на 35,5 проценти од излезените гласачи во традиционалниот бастион на Меркел. Истовремено, Катарина Шулц, потпретседателка на баварските еколози, победата на зелените ја нарече историска. И додека многумина очекуваа изгубените гласови на ЦСУ да заминат кај екстремно десничарската Алтернатива за Германија, партијата заврши дури на четврто место, со 11 отсто, по десноориентираната изборна листа на независни кандидати Слободни гласачи. Германската зелена партија е во пораст секаде во големите германски градови, но победата е најсимболична во Баварија каде што ЦСУ со години владее речиси со апсолутно мнозинство и гласачите важат за поконзервативни од другите места. Иако допрва треба да почнат преговорите за формирање регионална влада, ниту ЦСУ ниту зелените не се чинат отворени за заедничка коалиција.

– Потресите по ваквиот исход нема да се чувствуваат само во Баварија. Односот на моќта во Берлин исто така ќе се измени – пишува „Ноје вестфелише“.

Весникот оценува дека баварскиот премиер Зедер се преценил во внатрепартиската борба со партискиот шеф и сојузен министер за внатрешни работи Хорст Зехофер.

– И покрај добрата економска состојба во Баварија, постои големо незадоволство од работата на Зедер на функцијата. Баварците не ја сакаат Меркел. Баварците верни на традицијата не го прифатија добро меѓусебниот судир на двајцата мажи во ЦСУ, а потоа и во тандем против Ангела Меркел.


Ди Мајо: На Европа ѝ претстои политички земјотрес

Италијанскиот вицепремиер Луиџи ди Мајо го поздрави исходот од изборите во Баварија. Ди Мајо, кој е лидер на популистичкото движење Пет ѕвезди, изјави дека по изборите за Европарламентот во мај, Европа ќе добие ново лице.
– Ние повторно ќе ја основаме ЕУ. Веќе подолго време укажувам дека на Европа ѝ се заканува политички земјотрес. Изборите во Баварија се само еден симбол на тоа што ќе се случи. Италија е лидер на таа Европа во промена. Како што Италија беше протагонист во основањето на ЕУ, така ќе биде и протагонист во нејзиното повторно основање. Тоа е почеток на солидарноста – порача Ди Мајо.


Климатските промени заслужни за успехот на зелените партии во Европа

Победата на Зелената партија на локалните избори во Баварија не е единствен триумф на зелените во Европа во текот на викендов. Во Луксембург гласачите избираа ново парламентарно мнозинство. Иако формирањето на новата влада е сѐ уште неизвесно, резултатите покажуваат дека Зелената партија на Луксембург е единствена во пораст, додека сите други губат мандати, и дека благодарение на неа ќе се спаси сегашната влада. Во неделата гласаа и белгиските граѓани на локални избори. Слично како во Луксембург и во Германија сите традиционални партии бележат или значаен пад или статус кво во повеќето општини додека зелените се во пораст речиси секаде, а најмногу во главниот град Брисел.
„Зелениот бран“ што ја зафаќа Европа не е случаен, коментираат експертите по овие резултати во трите држави. Климатските промени, исклучително топлото лето, но и оваа невообичаено топла есен во Западна Европа, загадувањето, скандалот „Фолксваген“ во Германија, проблемите со нуклеарните централи во Белгија се некои од причините зошто гласачите се вртат кон екологистите. Зелените партии исто така нудат и алтернатива за традиционалните партии бидејќи се фокусирани на доброто владеење и на животната средина. Зелените, како во Баварија така и во Белгија, успеаја да ги привлечат разочараните гласачи и од десницата и од левицата.