Брзото ширење на коронавирусот на речиси сите континенти нѐ потсети дека навистина многу често го допираме нашето лице. Токму намалувањето на контакт со нашето лице ќе биде клучен елемент во запирање на ширењето на вирусот, велат здравствените власти, пренесува Си-ен-ен.
Во Сиднеј, медицинскиот факултет во 2015 година ги набљудувал студентите по медицина, колку често го допираат нивното лице. Секој од 26-те студенти го допрел своето лице околу 23 пати во текот на еден час.
Недопирањето на лицето е потешко отколку што звучи
Досега, коронавирусот го одзеде животот на околу 3.500 лица ширум светот. Експертите објаснуваат дека е потребен еден мал допир за микробите од прстите да навлезат во телото преку носот, очите или устата.
– Вирусите што го наоаѓаат респираторниот систем влегуваат во телото преку мукозните мембрани на носот, усната шуплина и усните. Луѓето лесно се здобиваат со вирусни инфекции на овој начин – вели д-р Даун Муени Бекер, специјалист од Флорида.
Минатата недела на социјалните мрежи се прошири видео на кое претставниците од здравствените институции и властите во САД ги предупредуваат граѓаните да не го допираат лицето, а во речиси истиот миг тие или некој до нив ги допираа нивните лица.
Дури и самопрогласениот бактериофоб, американскиот претседател Доналд Трамп не можеше да се воздржи од допирање на неговото лице.
– Веќе со недели го немам допрено моето лице. Ми недостига – изјави Трамп на шега минатата недела. Тој беше фотографиран како го допира неговото лице уште истата недела.
Допирањето на нашите лица започнува од млада возраст и со текот на времето станува навика. Луѓето ги допираат нивните лица од различни причини. Една студија од 2014 година објаснува дека допирањето на лицето го намалува стресот и нелагодноста.
Постојат безбедни начини на допирање на лицето
Доколку не можете да се воздржите, постојат безбедни начини како да ги намалите шансите за инфекција преку допирање на вашето лице.
Бактериите се наоѓаат насекаде околу нас и постојано навлегуваат во нашето тело. Препораките на експертите вклучуваат миење на рацете со сапун најмалку 20 секунди после одење во тоалет, секнење нос или кашлање и кивање. Доколку немате пристап до вода, тогаш се препорачува гел за дезинфекција кој содржи барем 60 отсто алкохол.