Најшокантно во врска со расистичките коментари упатени од американскиот претседател Доналд Трамп кон членките на Демократската партија, познати како „дружината“, е што забелешките не предизвикаа изненадување, пренесува Си-ен-ен.
Друг шокантен аспект од оваа ситуација, што ќе предизвикаше огромен хаос во која било друга администрација, е тоа што Трамп знае дека може слободно да упати такви коментари, бидејќи нема да сноси последици во Републиканската партија.
Многумина од гласачите на Репубиканската партија и пратениците не се согласуваат со ставовите и однесувањето на Трамп. Но, повеќето од нив се делумно задоволни со неговото претседателство, поради што се подготвени да го занемарат ваквото однесување. Исто така, многумина од нив не сакаат да ги доведат во ризик своите политички кариери со тоа што ќе ги осудат ваквите негови постапки. Тоа за Трамп ќе претставува полезно политичко оружје во обидите да ги освои гласовите во 2020 година.
– Во некои други околности, твитовите со навредлива содржина на Трамп би можеле да доведат до дисквалификувачки и засрамувачки политички пресврт. Но, Трамп уште на почетокот на својата политичка кариера користеше расистички навреди кон првиот црномурест претседател на државата, Барак Обама, па тој и понатаму е спремен да користи такви тактики за да го зачува своето претседателство. Тоа што ретко сноси одговорност за своите постапки дополнително го охрабрува да продолжи со овој тренд – објавува Си-ен-ен.
Трамп го објави навредливиот твит на денот кога граничните агенти започнаа рации насочени кон нелегалните мигранти.