Европскиот парламент при едно од своите последни гласања во овој состав, денеска одлучи да не го усвои законодавството за мобилните работници во прво читање, оставајќи му на следниот парламентарен состав да решава за ова прашање, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Ваквата одлука е донесена со 291 глас „за“, 284 „против“ и шест „воздржани“.
Според мнозинството европратеници, потребно е повеќе време за да се утврдат правилата за координација на системите за социјално осигурување, чија цел е заштита на правичниот пристап до социјалното осигурување, истовремено со правично распределување на обврските и поттикнување на соработката помеѓу земјите членки на ЕУ.
Мобилни работници се лица кои од едно претпријатие од една земја членка одат да работат во друга земја членка на ЕУ, но нивните социјални давачки и бенефиции се плаќаат според законите од државата од која се испратени, а не во државата каде што работат. Најчесто тоа се работници од Бугарија, Полска или Романија кои работат во Франција, Германија или Холандија.