Политико

Автор: Џон Личфилд

Видеото што Бенжамен Гриво го испратил на една 27-годишна студентка стави крај на неговата кампања за нов градоначалник на Париз.
Франција се чувствува како да ѝ е нарушена приватноста или барем во дел од државата владее таков став, особено во политичка Франција, париска Франција и во водечките медиуми. За првпат во поновата историја на државата, политичар се повлече поради неговиот сексуален живот, поточно приватниот, консензуален сексуален живот, кој буквално беше изложен во јавноста во овој случај.

Бенжамен Гриво, кој му беше кандидат за градоначалник на францускиот претседател Емануел Макрон за изборите закажани за следниот месец, се повлече од кампањата минатиот петок. На Интернет беше објавена видео-снимка на која се гледа како тој мастурбира и потоа истата ѝ ја испратил на 27-годишна девојка. Тоа се случило пред две години.

Шокирани беа политичарите и коментаторите од сите сфери на политичкиот живот, но не од однесувањето на Гриво туку од објавувањето на видео-снимката и фактот што поради тоа мораше да се повлече.

Тие се пожалија дека опуштениот и нормален став за сексуалниот живот на политичарите бил нарушен од незрелите, „срамотни“ вредности на социјалните медиуми и Интернет. Францускиот јавен живот стана „поамериканизиран“, велат тие. Повеќе не постои главната разлика меѓу политиката и сексот, како и јавниот и приватниот живот. Под ризик е ставена токму иднината на француската демократија.

– Не избираме светец, туку градоначалник на Париз – изјави Себастијан Шену од ултрадесничарската партија Национално обединување.

– Секој има право на своја „тајна градина“, приватност и ставови. Да не ја мешаме транспарентноста и воајеризмот, што е чекор кон еден вид на сексуална инквизиција – даде свој став и Ришар Феран, претседателот на Националното собрание, пријател на Гриво и истакнат поддржувач на Макрон.

По 23 години поминати во Париз, признавам дека сум збунет. Мислев дека добро ја разбирам Франција, но сега сфаќам дека не е така. Реакцијата на аферата на Гриво мислам дека е предвидлива, апсурдна и разбирлива. Нарушувањето на приватниот живот на обичните граѓани е погрешно и сурово. Треба само да ги отворите британските таблоиди за да се уверите колку ова е точно.

Дали е еднакво погрешно да се зборува без никаква причина за приватниот живот и хипокризијата на јавните личности? Гриво, кој е женет и има три мали деца, се фалеше во неговата кампања за неговиот среќен семеен живот и конзервативните вредности. Поранешниот претседател Жак Ширак и многу други конзервативни француски политичари беа виновни за слични двојни стандарди во минатото.
Можеби уште поважно е што ова не била обична вонбрачна афера. Гриво на млада жена, тогаш правна студентка, ѝ испратил видео-снимка на која тој мастурбира. Тогаш, во мај 2018 година, тој беше министер и портпарол на владата. Ова открива нешто важно за карактерот на Гриво, како и за зрелоста и компетентноста за функцијата. Според повеќето француски коментатори, ова е старомодно англо-саксонско и лицемерно однесување.

Најслично нешто до критика за Гриво во француските медиуми имаше од Ерви Гатањо, уредник на „Неделниот весник“. Тој досетливо напиша дека Гриво бил „неодговорен, но не и виновен“. Случајот е дополнително усложнет од неверојатната сага како видео-снимката била објавена на Интернет. Жената на која Гриво ѝ ги испратил снимките во мај 2018 година, Александра де Тадео, сега е адвокатка. Таа исто така е тврдокорна левичарска политичка активистка, како и нејзиниот љубовник, прогонетиот руски анархист и уметник Пјотр Павленски, кој еднаш го покажа својот скротум на Црвениот плоштад.

Токму Павленски кој сега е близок со движењето „жолти елеци“, ја објави видео-снимката на Интернет минатата недела, откако францускиот истражувачки портал „Медијапарт“ одби да го стори тоа. Како и сатиричниот неделник „Ле канар аншене“, „Медијапарт“ одбива да третира случаи од приватна, сексуална природа.

Гриво ѝ ги испратил сликите на Де Тадео пред две години преку апликација која требало да ги избрише по неколку минути. Наместо тоа, истите некако биле снимени или зачувани. Дали станува збор за долгопланирана политичка местенка?
Ова допрва ќе се разјаснува, но сепак според мене, мали се шансите да се дојде до одговори. Зошто толку долго некој да ги чува снимките? Де Тадео и Павленски беа уапсени минатата сабота и се соочуваат со можни обвиненија за „упад во приватен живот“ и „неовластено објавување на сексуални снимки“.

Дали било долго планирано или не, објавувањето на снимките очигледно е дел од војната против Макрон и неговите сојузници која постојано се води на Интернет од страна на крајната левица и десница. Друга муниција што се користи во таа војна се погрешното претставување на фактите и лаги за политиките на Макрон, како и неосновани гласини за приватниот живот на претседателот.

Лекцијата за француските политичари од случајот на Гриво е посуптилна отколку што изгледа. Ако францускиот политичар имал „само“ консензуална афера со 27-годишната студентка, приказната ќе беше „чудо за три дена“. Но токму видео-снимката додаде тежина на случајот.

Француските политичари не мора да се однесуваат како светци, но не треба да се однесуваат идиотски како тинејџери.

Превод: Билјана Здравковска