Авторка: Шарлот Алтер

Тајм

За многу Афроамериканци кои ги преплавија улиците во десетици градови изминатиов викенд, убиството на Џорџ Флојд беше само уште една огорченост во годината одбележана со неподнослива смртност и очај. Пандемијата на коронавирусот непропорционално ги зафати Афроамериканците кои имаат поголеми шанси да заболат од ковид-19 и да имаат смртен исход од белото население. Афроамериканците сочинуваат 12 отсто од населението, но се застапени со речиси 26 отсто од случаите на ковид-19 и речиси 23 отсто од смртноста, според податоците на американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ). Една студија откри дека најголем дел од окрузите каде што живее црномуресто население сочинуваат речиси половина од сите случаи на коронавирус и се застапени со 60 отсто од смртните случаи.

Економското влијание на вирусот и обидот за борба против него исто така непропорционално влијаеше на црната заедница: 44 отсто од Афроамериканците велат дека некој од нивното домаќинство ја изгубил работата или му била намалена платата поради пандемијата, а 73 отсто велат дека немале никаква заштеда на страна, според анализата на „Пју“. Најголем дел од „неопходните работници“ кои ги ризикуваат нивните животи за да може Њујорк непречено да функционира се лица од малцинските заедници, според владините податоци.

Згора на тоа, поакутна стана сеприсутната расна неправда поради низата убиства на Афроамериканци. Ахмад Арбери беше застрелан од бели одмаздници додека бил на трчање во Џорџија. Бреона Тејлор, техничарка во итната служба, беше застрелана осум пати во домот во Кентаки, кога полицијата среде ноќ упаднала во нејзиниот дом со специјален налог, без предупредување. Џорџ Флојд почина откако полицаец од Минеаполис осум минути стоеше со колено на неговиот врат.

– Или ќе не убие ковид-19 или полицијата, или економијата. Лицата со друга боја на кожата на секој чекор се угнетувани – вели социјалната работничка Присила Боркер (31) која се приклучи на протестите во Бруклин минатиот петок.

По неколкумесечното физичко дистанцирање за да се спречи ширењето на ковид-19, протестите претставуваат пресвртница не само во борбата против расистичкото полициско насилство, туку и во борбата против болеста. Со масовното групирање и малите шанси за одржување на физичка дистанца, маскираните демонстранти не само што го ризикуваа полициското насилство, туку и сопственото здравје само за заеднички да го кренат гласот за да се стави крај на расистичкото насилство.

– Повеќе се плашам да не ме убие полицаец отколку ковид-19. Кога одам на трчање, се чувствувам слободен. Кога беше убиен Ахмaд Арбери, почувствував како слободата да ми е одземена – изјави менаџерот на продажба Ози Лампкин (30), кој учествувал на протестот во чест на загинатиот Арбери.

– Кога го гледате полицаецот што го стави коленото врз вратот на Флојд, всушност ја гледате Америка како го прави истото врз луѓето со темна боја на кожа. Без разлика дали сме дома или размислуваме за ризикот да излеземе поради кризата од ковид-19, во секој случај ќе загинеме. Така што воопшто не ни пречи тој ризик – вели Боркер.

Откако со години протестираа против полициските убиства на Афроамериканците Мајкл Браун, Ерик Гарнер, Филандо Кастил и илјадници други, некои активисти сметаат дека многу малку нешта се промениле. Поради таа причина, фитнес’инструкторот Џејмс Талтон (32) кој протестираше во Бруклин минатиот петок, вели дека не го oправдува пљачкосувањето, но разбира зошто гневните демонстранти го вандализираат градот.

– За ние да го привлечеме вниманието, што е потребно, мора сè да запалиме, затоа што во спротивно сите нè игнорираат. Се плашам да живеам во Америка – вели тој.

Лидерите на движењата велат дека овој пат е поинаку. Меѓу здравјето и економската штета предизвикана од ковид-19, насилните остри мерки на полицијата врз протестите од минатиот викенд и објавите на претседателот на Твитер, во кои активистите ги нарекува „насилници“ и им се заканува со „пуштање кучиња“, расните тензии достигнаа критична точка.

– Буквално сме на раб на граѓанска војна. Белите расисти дејствуваат јавно и отворено, а нив ги поддржува претседателот и Белата куќа – вели Алисија Гарза, главна организаторка за расна правда и основачка на организацијата „Блек фјучрс лаб“ која го изготви слоганот „ црните животи значат“. Таа додава дека милитаризацијата на полицијата, извештаите за инфилтрирање на бели расистички насилници во мирните протести и подемот на отворениот бел национализам, ги промениле влоговите во борбата.

Во ваквата необично реална смисла, битката влезе во нова фаза.

– Нема повторно да се навраќам на дебатите дека „сите животи се важни“. Каде се сите владини претставници кои ја искористија можноста на протестот за да најават политички промени, да ги променат законите кои не ја гарантираат безбедноста на црномурестите луѓе? – порача Гарза и додаде дека сега на улиците излегле многу повеќе бели поддржувачи на протестите за разлика од 2013 година.

Но дури и мислењето на јавноста да е во нивна насока, особено меѓу младите белци, официјалниот одговор не е променет.

Превод: Билјана Здравковска