Сега кога Берни Сандерс и официјално е во трката за претседател на САД на изборите во 2020 година, време е јавноста да се соочи со очигледната вистина дека тој не само што може да го победи Доналд Трамп, туку дека тој е далеку подобар кандидат од сите други демократи за да му се спротистави на сегашниот претседател, пишува колумнистот на британски „Гардијан“, Нејтан Робинсон.
Според Робинсон, сега е критичен момент во кој левицата во САД треба да се обедини за да стави крај на суровото владеење на Трамп, а Сандерс е вистинскиот човек за тоа.
– Во последните две години, Сандерс ја поставуваше политичката агенда на Демократската партија. Неговата кандидатура за изборите во 2016 година целосно ја промени политичката слика во САД, до точка каде што поголемиот дел од демократите сега го одобруваат демократскиот социјализам. Здравствено осигурување за сите и бесплатно високо образование се мерки кои се популарни кај многу луѓе, а сега се неминовен дел од кампањата на сите кандидати. На анкетите, Сандерс е пред сите други досега пријавени официјални кандидати и во овој момент може да се смета за можен фаворит – стои во колумната на Робинсон.
Иако можеби звучи иронично поради неговата возраст, Сандерс (77) највеќе го поддржуваат миленијалците (генерациите родени од 1981 до 1996 година), а дури и жените во САД повеќе го фаворизираа сенаторот од сојузната држава Вермонт пред Хилари Клинтон на претходните избори. Денес, ликот на младата левица во САД може да се каже дека е Александриа Окасио-Кортез, која е ветеран од првата претседателста кампања на Сандерс, а за колумнистот Робинсон, тоа има многу смисла.
Причините поради кои левичарите го поддржуваат Сандерс се многу очигледни. Уште на почетокот на неговата политичка кариера, тој беше уапсен на протест против сегрегацијата, а со тоа покажа дека има силна посветеност на неговата напредна и прогресивна агенда. Според пишувањата на „Гардијан“, тој е човек на кој американската јавност може да му верува и не таков тип на претседателски кандидат на кој идеалите погодно му се појавуваат за време на претседателската кампања.
– Тој е добар избор дури и за оние кои не се согласуваат и не ги делат ставовите за демократскиот социјализам. Никој не е во подобра положба за да му се спротистави на Доналд Трамп. Сандерс е препознатлив и популарен кај пошироката јавност, знае како да ги води своите кампањи, има широка мрежа на организатори и може да повлече големи групи на луѓе на своите настапи. Покрај тоа, тој во минатото добро се има покажано и на дебатите против републиканците – смета колумнистот Робинсон.
Берни Сандерс има необична предност против Трамп: способен е ефективно да се спротистави на популизмот кој на сегашниот претседател му ја донесе победата на изборите, и а во негов прилог оди и тоа што тој има искрени настапи пред јавноста. Дополнително, Сандерс добро котира во Средниот Запад на САД, место кое беше многу важно за победата на минатите избори на Трамп, а неговите пораки се прифатени од белците кои живеат во руралните средини и црното население во Милвоки, кое во минатото не успеа да добие придобивки за време на владеењето на демократите.
Има уште многу време до ноември 2020 година, кога ќе се одржат следните претседателски избори во САД и многу работи може да се променат, но Сандерс е вистинскиот кандидат во борбата против популистичката реторика на Трамп, завршува Робинсон.