Кои се пљачкосувачите, што сакаат и зошто во некои протести често се јавуваат

Авторка: Олга Казан

Атлантик

За многу Американци кои гледаат како избиваат протести ширум државата, пљачкосувањето е голем проблем. Во текот на изминатава недела, илјадници луѓе излегоа на улиците во градовите ширум САД за да го отфрлат институционалниот расизам и полициското насилство откако почина Џорџ Флојд од Минеаполис како последица на полициска бруталност при апсење. Но демолирањето и палењето на објекти, како и крадењето на стоки кои ги придружуваа мирните протести, предизвика сомнеж кај многу луѓе дали да ја дадат својата целосна поддршка.

Полициските командири генерално се согласуваат дека само мал дел од демонстрантите ограбуваат, но ваквата пракса сепак е многу раширена. Во неделата навечер, една група провали во продавниците во долен Менхетн и крадеше чевли и електроника во црни вреќи за ѓубре. Претходно, пљачкосувачите уништија еден маркет на „Таргет“ во Минеаполис и крадеа дизајнерска облека од бутиците во Лос Анџелес.

Секогаш кога спонтано се собира гневна толпа на луѓе, се случува да им нанесе штета на јавните објекти. Повеќето експерти за расни разлики тврдат дека непровоцираното полициско насилство кон Афроамериканците и кон мирните демонстранти во голема мера се општествени проблеми и ниту една количина на украдена роба не може да ја замени загубата на еден човечки живот.

Како прво, пљачкосувачите и мирните демонстранти не се иста категорија на луѓе. Дејна Фишер, социолог од универзитетот во Мериленд, ги проучува протестите во изминатите 20 години и вели дека ретко се случува мирните демонстранти одеднаш да почнат да крадат и да палат јавни објекти. Луѓето се приклучуваат на протестите од разни причини, а оние што сакаат мир, мирно го изразуваат незадоволството. Оние што пљачкосуваат во групи исто така имаат различни мотиви. На овој начин, дел од пљачкосувањето се должи на отпор против капитализмот, полицијата и други сили кои се сметаат дека го одржуваат расизмот.

За време на актуелните протести, опортунистичкиот аспект на пљачкосувањето може да се влоши од фактот што луѓето ширум државата добија наредби да останат дома со месеци, во обидот да се ограничи ширењето на коронавирусот. Протестите за некои можеби беа издувен вентил. Во меѓувреме, другите гледаат на пљачкосувањето како на форма на јакнење, односно начин да се врати достоинството по долгогодишна злоупотреба од страна на полицијата и другите власти. Во случаите каде што мирните протести не предизвикаа промени, демонстрантите можеби сметаат дека пљачкосувањето и вандализмот се единствениот начин да го свртат вниманието кон себе.

Некои пљачкосувачи не се поистоветуваат со мотивите на демонстрантите. Наместо тоа, тие ја користат шансата за да предизвикаат хаос и уништување. Можеби токму ова се случува на видео-снимките на кои белци кршат прозорци и ограбуваат продавници. Иако сè уште не е јасно до кој степен радикалната левица и белите националистички групи се инфилтрирани во некои од протестите и поттикнуваат дел од безредието. Не е новост луѓето да се упатат во други области за да ограбуваат и притоа да ги поштедат своите населби. Во својата непромисленост, пљачкосувањето може да биде неизбежен дел од протестите. Но полицијата, медиумите и дури демонстрантите понекогаш можат случајно да го поттикнат.

Дејствата на полицијата и демонстрантите меѓусебно се отсликуваат. Кога полицијата користи гумени куршуми, гасни бомби и солзавец врз мирните демонстранти, тогаш тие стануваат агресивни, а во некои случаи дури се поттикнуваат да ограбуваат.

Начинот и организацијата на протестот може да поттикне или да обесхрабри вандализам. Без формална структура или правила на однесување, протестите можат особено да ескалираат ноќе.

Како што изјави Кристијан Давенпорт, професор по политички науки на универзитетот во Мичиген, „најдобриот начин да се спречи пљачкосувањето е да им се даде на поединците плата која ќе ги задоволи сите основни потреби за живот. Со тоа ќе се однесуваат со достоинство и ќе им се олесни животот“.

Превод: Билјана Здравковска