Рускиот опозиционер Алексеј Навални кого „Волстрит џурнал“ своевремено го нарече „човекот од кого Владимир Путин стравува најмногу“ лежи во бессознание во болница во Омск, откако му се сложи за време на лет кон Томск, со што докторите велат дека неговата состојба е сериозна, но стабилна, пишува „Форин полиси“.
Портпаролката на Навални наведе дека му се слошило откако пиел чај на аеродромот во Томск, претпоставувајќи дека бил затруен. Тоа потсетува на случајот на поранешниот шпион Александар Литвиненко кој почина во Лондон, откако неговиот чај беше затруен со радиоактивен изотоп полонијум-210, за што британските власти ја обвинуваа Русија.
Додека Навални веќе подолго време го иритира Кремљ, организирајќи улични протести и истражувајќи ја корупцијата на високо ниво, експертите се скептични дека би бил интерес на рускиот државен врв да го убие критичарот на власта.
– Не верувам во ова ниту за секунда. Пред неколку години ми беше кажано дека убиството на Навални во Кремљ се смета за кошмарно сценарио, што би било повод за опасна провокација која би поттикнала протести – напиша аналитичарката Татјана Становаја на нејзиниот канал на Телеграм.
Тајмингот на инцидентот ја прави безизгледна теоријата за вмешаност на власта во случајот. Кремљ моментно се справува со избивањето на коронавирусот и со политичката криза во соседна Белорусија, како и со незадоволството во источниот регион на Хабаровск.
Пред една недела Навални беше во сибирските градови Томск и Новосибирск да изрази поддршка за кандидатите на опозицијата во пресрет на локалните избори следниот месец, а дел од медиумите сугерираа дека можеби собира материјал и за одредена истрага.
– Тој стекна стотици непријатели во изминатите неколку години, вклучувајќи некои жестоки поединци – напиша Становаја.
Политичката моќ во Русија е централизирана, но системот не е без одметнати елементи кои би можеле да расчистуваат лични сметки и да ги штитат сопствените интереси.
– Лесно е да се претпостави дека државата е вмешана, но уште пострашна, а подеднакво можна е опцијата дека Владимир Путин не може да контролира дали луѓето со многу непријатели ќе бидат отруени – напиша на Твитер, Сева Гунитски, професорот на политички науки на универзитетот на Торонто.
Личниот доктор на Навални, Јарослав Ашихми изјави за медиумите дека неговиот тим се обидува да издејствува преместување на Навални во Европа. Минатата година Навални беше хоспитализиран поради тешка алергиска реакција на непозната хемиска супстанца додека беше во затвор, отслужувајќи 30-дневна казна за организирање на протести во Москва. Докторите тогаш изразија загриженост дека Навални можеби бил затруен, но неговата состојба сега е многу посериозна.