Оружениот напад во Утрехт, во кој вчера беа убиени три лица, се чини оти не претставуваше изненадување за холандските власти, кои со години наназад предупредуваа за ризикот од вакво злосторство, објавува канадската телевизија Си-би-си. Во прилог на ваквите тврдења оди и нивото на тревога од терористичка закана во Холандија кое изнесува четири (означува „значителна закана“) уште од 2013 година.
Градоначалниот на Утрехт, Јан ван Занен, истакна дека властите претпоставуваат оти зад злосторството стои терористички мотив, што би можело да претставува пресвртна точка за Холандија, доколку се покаже како точно. Европската држава воглавно беше поштедена од посериозни случаи на тероризам, кои беа честа појава во околните земји во изминатата деценија. Холандија со години наназад беше една од најбезбедните светски држави, заземајќи го 78-то место на листата држави според глобалниот индекс за тероризам, објавена минатата година. За споредба, Белгија е рангирана на 48-то место, Германија е 39-та, Франција 30-та, а Велика Британија 28-ма.
Последното убиство во терористички напад во Холандија претставува смртта на режисерот Тео ван Гог во 2004 година. Тој беше убиен од радикализиран холандски државјанин со мароканско потекло, што сметал дека документарец на Ван Гог претставува навреда за исламот.
Минатиот септември, 19-годишен бегалец од Авганистан, кој живеел во Германија, избоде двајца американски туристи со нож. Напаѓачот што имал терористички мотиви беше застрелан од полицијата но преживеа. Една недела подоцна, холандската полиција уапси седуммина мажи, обвинувајќи ги за планирање на напад врз голем јавен настан во Холандија. Осомничениот водач од Ирак претходно се обидел да се приклучи на Исламската држава (ИД). Претходно беше осуетен и наводен план за напад на концерт во Ротердам.
Според последната процена за терористичка закана во Холандија, објавена минатата недела, ситуацијата во Холандија била сметана за „немирна“, со сериозни ризици од ИД и десничарски екстремисти.
Очекуваната закана, навидум, се оствари вчера кога оружениот напад во трамвај во Утрехт ја потресе Холандија, загрозувајќи го мирот во земјата. Истрагата, сепак, допрва треба да го утврди мотивот на осомничениот Ѓокмен Таниш, кој вчера беше уапсен.