Теории на заговор има во сите земји и за секакви настани во светот, без разлика дали станува збор за Македонија или за САД, за трагедии или за историски достигнувања. Експертите имаат различни објаснувања зошто се шират теории на заговор, кој ги шири, зошто луѓето веруваат во нив и што кажуваат тие за начинот на кој го перципираме светот
Од трагични до историски настани, од Македонија до Америка, теориите на заговор се карактеристични за сите држави на планетава, големи и мали, сиромашни и богати. За трагичната автобуска несреќа на автопатот Скопје – Тетово веднаш се појави теорија на заговор, односно дека станувало збор за саботажа, а истото тоа се случи и со поплавите кај Стајковци во 2016 година, кога се шпекулираше дека бројот на жртвите е многу поголем и дека роднините на загинатите се поткупени да молчат. Теории на заговор кружеа и за време на најновите драматични политички настани во Македонија, но и при бегството на поранешниот премиер во Унгарија, па се шпекулираше како избегал, кој му помогнал и слично. Во светот, до денес, меѓу другото, се тврди дека слетувањата на Месечината се лажирани од НАСА и дека американските власти намерно ги урнале авионите на 11 септември 2001 година. Зошто се шират вакви теории на заговор? Зошто некои луѓе веруваат во нив? Што ни кажуваат тие за начинот на кој го перципираме светот? Експерти од разни научни области нудат одговори на овие и на други прашања поврзани со теориите на заговор што до денес кружат во светот.
– Теориите на заговор воопшто не се нов феномен. Тие се постојано присутни во изминатите најмалку сто години. Сите веруваат во најмалку една, а најверојатно и во повеќе. Причината е едноставна: денес постојат бескрајно многу теории на заговор. Доколку има гласање за сите нив, сите ќе заокружат барем неколку – вели американскиот професор Џо Ушчински.
Но тие не се карактеристични само за САД. Во 2015 година, истражување на универзитетот „Кембриџ“ покажа дека повеќето Британци заокружиле некоја од теориите кога им била понудена листа со само пет теории на заговор. Тие варирале од постоењето на тајна група илуминати што ги контролира светските настани, па до наводни контакти со вонземјани. Тоа сугерира оти типичниот теоретичар на заговор, наспроти општото верување, не е средовечен маж, кој живее во подрумот од куќата на неговата мајка, нагласува Би-би-си.
– Кога всушност ќе ги видите демографските податоци, верувањето во заговори е застапено во сите социјални слоеви, без разлика на полот и возраста – оценува Крис Френч, психолог од лондонскиот универзитет „Голдсмит“.
За да разбереме зошто толку нѐ привлекуваат идеите за мрачни сили што ги контролираат политичките настани, мора да ја погледнеме психологијата зад теориите на заговор.
– Ние сме многу добри при препознавање обрасци и регуларности. Но некогаш претеруваме со тоа, па мислиме дека гледаме некакво значење и смисла и кога ги нема. Исто така претпоставуваме дека кога нешто ќе се случи, тоа се случува бидејќи некој или нешто го предизвикало – додава Френч.
Најважно е тоа што гледаме коинциденции околу големите настани и потоа измислуваме приказна од нив. Таа приказна станува теорија на заговор бидејќи содржи „позитивци“ и „негативци“, а вторите се одговорни за сите работи што не ги сакаме. На многу начини, тоа е исто како и секојдневната политика.
– Често ги обвинуваме политичарите за лоши настани, дури и за настани што се надвор од нивна контрола. Луѓето слепо ќе ја наградат или ќе ја казнат Владата за добрите или за лошите времиња, без да имаат некакво јасно разбирање за тоа дали или како владините политики придонеле за таквите исходи – објаснува Лери Бартелс, политиколог од универзитетот „Вандербилт“.
Тоа важи дури и кога некои работи, кои не се воопшто поврзани со Владата, ќе тргнат на лошо.
– Таков е примерот со низата напади од ајкули крај брегот на Њу Џерси во 1916 година. Случајот подоцна беше искористен за филмот „Ајкула“. Откривме дека имало големо намалување на поддршката за претседателот Вудро Вилсон во областите што биле најпогодени од нападите на ајкули – истакнува Бартелс.
Теориите на заговор често предизвикаат поделби меѓу луѓето на „ние“ и „тие“, која може исто така да се забележи и кај поголемите политички групи. Во Британија, на пример, референдумот за излегување на земјата од ЕУ создаде групи „за“ и „против“ брегзит.
– Луѓето чувствуваат дека припаѓаат на својата група, но тоа исто значи дека луѓето чувствуваат одреден степен на антагонизам кон луѓето во другата група – истакнува професорката Сара Хоболт, од Лондонската школа за економија.
Противниците и поддржувачите на брегзит понекогаш различно го толкуваат светот. На пример, кога се соочени со идентични економски факти, поголема е веројатноста противниците на брегзит да кажат дека економијата е во лоша состојба, а поддржувачите да оценат дека на економијата добро ѝ оди. Теориите на заговор се само еден дел од таквите ставови.
– Поддржувачите на брегзит, кои пред референдумот сметаа дека ќе бидат на губитничката страна, најверојатно мислеа дека референдумот ќе биде наместен. Но тогаш реалноста се смени по објавувањето на резултатите од референдумот, бидејќи противниците на брегзит беа на губитничката страна – додава Хоболт.
Можеби не е убаво да се дознае дека теориите на заговор се толку многу вклучени во политичкото размислување, но тоа не треба воопшто да изненадува.
– Честопати ние ги создаваме нашите верувања на таков начин за да го поддржуваат тоа што сакаме да биде вистина. Луѓето што најмногу се изложени на ваквата пристрасност се оние луѓе што најмногу посветуваат внимание – истакнува професорот Бартелс.
За многумина, нема многу логика во проверувањето на политичките факти, бидејќи вашиот индивидуален глас нема да влијае врз владината политика.
– Нема штета ако грешам за политичките ставови. Ако ме прави да се чувствувам добро и да верувам дека претседателот требало да стори нешто за да ги спречи нападите на ајкули, тогаш психолошката придобивка од држењето цврсто до таквиот став најверојатно ќе биде многу поголема од која било казна, што може да ја претрпам ако ставовите се погрешни – заклучува Бартелс.
Конечно, нагласуваат експертите, сакаме да се чувствуваме пријатно, а не да бидеме во право. Затоа некои теории на заговор исчезнуваат, а други засекогаш остануваат дел од приказните што ги раскажуваме за настаните.