Изворот на новиот коронавирус кој се појави во Кина би можеле да бидат змиите кинеска кобра и кинески краит, објави Си-ен-ен.
Змијата позната како кинески краит или тајвански краит е отровна змија која живее во централните и јужните делови на Кина и југоисточна Азија. Болеста првпат е пријавена во градот Вухан во декември 2019 година, а од тогаш нагло почна да се шири. Од тогаш многу патници од Вухан заразиле многумина во Кина, но и во други земји, меѓу кои и САД.
Истражувачите користеле анализа на кодови и ги споредиле со протеински кодови на коронавирусот кој се наоѓа во различни животни, како птици, змии, ежови и лилјаци, а откриле дека протеинските кодови на коронавирусот пронајден кај луѓето се најслични на оние кои се пронајдени кај змиите.
Змиите често ловат дивеч, а според некои извештаи и на локалниот пазар за морска храна во Вухан се продавале и змии, што ја зголемува можноста дека вирусот преминал од домаќинот – лилјак на змиите, а потоа и на луѓето, што довело до ширење на вирусот.
На почетокот се сметаше дека вирусот се пренесува само од животни на луѓе, но сега се појавуваат сè повеќе случаи на пренесување од човек на човек, а се јавува и меѓу членови на семејство и кај медицинскиот персонал кој се грижи за заразените пациенти.
„Имаме 14 заразени здравствени работници, што сугерира дека потенцијалот за ширење на вирусот е многу поголем“, рекол доктор Иан Липкин, директор на Центарот за имунологија и инфектологија на Универзитетот Колумбија.
Коронавирусот често се населува во лилјаците, без да им наштети, а понекогаш се преместува од еден на друг животниски вид, а потоа и на луѓето.
Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (ГАВИ) објави дека развојот на нови вакцини против коронавирусот, од кој досега починаа 17 луѓе, ќе трае најмалку една година.