Украинскиот претседател Владимир Зеленски изрази уверување дека е неопходно да се водат директни разговори со неговиот руски колега Владимир Путин, пренесува ТАСС.
Говорејќи за своите планови да се најде решение за кризата во Донбас, Зеленски рече дека е неопходно да се постигне договор со Москва.
– Ќе си дадам уште неколку месеци да го засилам притисокот за да можеме да најдеме дипломатско решение за ситуацијата на Договорите од Минск. Не би сакал да прибегнам кон План Б и План Ц. Иако јавноста може да размислува различно за директните разговори помеѓу Зеленски и Путин, сигурен сум дека треба да го сториме тоа – рече Зеленски на прес-конференција по повод својата прва година на позицијата.
Во коментар за изгледите на самитот на Нормандиската четворка (Русија, Германија, Франција и Украина), Зеленски ја истакна и важноста на контактите со руското раководство.
– Што се однесува до претседателот на Русија, не можеме да сториме ништо освен да разговараме со нив бидејќи мора да постигнеме договор – рече тој.
Путин и Зеленски го одржаа својот прв телефонски разговор на 11 јули 2019 година, месец и половина по инаугурацијата на украинскиот претседател. Нивната прва средба лице в лице се одржа на 9 декември на самитот на Нормандиската четворка во Париз. Тие се согласија да се состанат во истиот формат во април, но следниот самит не беше свикан.