Проектот на Европа како „климатски неутрален континент“ во целост ја игнорира дебатата за воената индустрија и воената технологија како значително валкана индустрија, која емитира огромни количества јаглерод диоксид, кои не може да се споредат со ниту еден „цивилен“ производител, а особено не со граѓаните, оценува порталот „Геополитика“
Амбициозните цели на европскиот зелен план, кој беше усвоен во Европарламентот кон крајот на 2019 година, деновиве ги преплавија медиумите. На ударот на новата „зелена“ идеологија на Европската Унија наскоро ќе се најдат многу индустрии и услужни сектори. Сепак, проектот на Европа како „климатски неутрален континент“ во целост ја игнорира дебатата за воената индустрија и воената технологија како значително валкана индустрија, која емитира огромни количества јаглерод диоксид, кои не може да се споредат со ниту еден „цивилен“ производител, а особено не со граѓаните, оценува порталот „Геополитика“.
Европската воена индустрија сочинува голем и незаменлив дел на вкупниот БДП на најмоќните земји-членки на ЕУ и во моментов во Европа не постои индустриска гранка што може да го замени уделот на воената индустрија во надворешната трговија на Унијата. Особено сега, откако се отворени дебатите за потребата за интензивно зајакнување на европските одбранбени сили, овој производствен сектор ќе добие и голема политичка поддршка, и покрај тоа што е општо познато дека воената индустрија е најголем и најопасен загадувач на околината, при што темелно го прикрива своето катастрофално влијание на околината и климата.
Сепак, американскиот воено-индустриски комплекс е најголем поединечен светски потрошувач на фосилни горива, а истовремено е и најголем светски загадувач. Меѓутоа, како што наведува „Геополитика“, покрај овој очигледен факт, постои и многу поопасно дејствување во чии рамки американската војска може да ја користи климата како инструмент на модерното војување. Па, така, познатиот професор и активист Мишел Чосудовски неодамна пишуваше за техниките на модификација на климата и околината, кои ѝ се достапни на американската војска повеќе од половина век. Тука мора да се напомене дека војувањето преку модификување на околината или временските услови начелно е забрането со Конвенцијата за забрана на воената или која било друга употреба на техниката за модификација на околината, која стапи во сила уште далечната 1978 година. Со договорот, постигнат во рамките на ОН, земјите-потписнички се обврзуваат дека нема да се занимаваат со воена или друга непријателска употреба на техниките за модификација на околината.
Но инструментите за војување преку климата се дел од американскиот арсенал на оружје за масовно уништување, а јавно достапните документи на американското воено воздухопловство од 1996 година нудат докази за користењето на техниките на модификација на околината. Чосудовски наведува дека САД почнале со истражувањето на временските промени или промената на климата уште кон крајот на 1940-тите години. Со текот на времето американската војска разви многу напредни и софистицирани техники за модификација на околината и временските услови, кои ѝ овозможуваат селективно менување на климатските услови. За таа цел на почетокот од 1990-тите е развиена и контроверзната таинствена програма ХААРП, со која наводно може да се „произведуваат“ земјотреси, торнада, цунами и нарушувања на глобалните комуникациски системи. Во 1999 година, постоењето на ХААРП предизвика загриженост и на ЕУ, која поради нејзиното далекосежно влијание на околината ја окарактеризира програмата како глобален проблем и повика на формирање меѓународно независно тело, кое треба да ги истражи правните, еколошките и етичките последици врз човековата заедница и околината. Станува збор за технологија за загревања на јоносферата, која во иднина би можела да се искористи како моќно оружје за војување.
Па, така, модификацијата на временските услови во блиска иднина ќе стане дел од националната и меѓународната безбедност, со големо влијание на одбранбените стратегии. Способноста за создавање поројни дождови, магла или бури сѐ почесто е дел од интегрираниот систем на воените технологии, и тоа не само на Американците туку и на другите големи глобални играчи. Модификацијата на временските услови може да предизвика смртоносни или многу негативни последици за многу цивили, но и за припадниците на војската. Во екстремни случаи тоа би можело да вклучува и стратегија за создавање целосно нови временски услови, односно намерно производство или контрола на силни бури, па дури и промена на глобалната клима со далекосежни или долготрајни последици и размери.
Страв од „водените бомби“
Специјализираните магазини уште во почетокот на овој милениум наведуваат дека Индија е изложена на заканите од т.н. водени бомби на реката Паречу, кои доведуваат до преголеми реки и исчезнување на природни езера, притоа предизвикувајќи застрашувачки поплави. И покрај гаранциите од Кина, безбедносните аналитичари и понатаму стравуваат од кинеска диверзија околу пренасочување на текот на реката Брамапутра. Но и Пакистанците со децении стравуваат дека Индија, благодарение на контролата на реките што се слеваат на пакистанска територија, може да манипулира со безбедносната ситуација во земјата, предизвикувајќи библиски поплави и суши, наведува „Геополитика“.