Германската канцеларка Ангела Меркел вчера инсистираше дека нејзиното здравје е добро, но сепак, одлучи да седи за време на националната химна, постапка што не е во протоколот, а изведена од превентивни причини по неколкуте случаи на неконтролирано тресење, пренесува „ЕУроактив“.
Откако вниманието на медиумите се сврте кон здавјето на Меркел, односно трите напади во текот на еден месец, канцеларката овојпат реши да преземе мерки.
По средбата со новата премиерка на Данска, Мете Фредериксен, двете политичарки ја слушаа химната седејќи. На прашањето на новинарите дали се консултирала со доктор за нејзината здравствена состојба, Меркел одби да даде каков било одговор.
– Ги знам обврските на мојата канцеларија. Затоа, постапувам соодветно во однос на моето здравје. Како што ова се појави, така и ќе замине – изјави Меркел на прес-конференцијата со Фредериксен во врска со нејзиното здрајве.
Данската премиерка Фредериксен изјави дека Меркел сѐ уште е силна и компетентна како лидер.
Одлуката за седење за време на химната била донесена еден ден откако Меркел повторно имаше напад на тресење за време на посетата на финскиот премиер Анти Рине.
Официјални претставници се обидоа да го стивнат одекот во јавноста околу здравствената состојба на Меркел одбивајќи да одговорат на прашањата од новинарите.
Одредени медиуми тврдеа дека Меркел одбива да открие што не е во ред со неа со цел да не испрати погрешна порака до јавноста за нејзините сила и способност, но се чини дека таа самата има сомнежи, и покрај убедувањето дека нападите ќе поминат.
Меркел, која во пресрет на 65-от роденден е сметана за една од најмоќните жени на светот, најави дека ќе се повлече од политиката по крајот на нејзиниот мандат во 2021 година.