Борбата за Нагорно-Карабах се води речиси еден век, а ескалираше кога Советскиот Сојуз се распадна. Сега, кога непријателствата повторно се разгореа, цивилите уште еднаш ја плаќаат цената, пренесува „Гардијан“. 

Илјадници Ерменци во Нагорно-Карабах ги напуштија своите домови поради колатералната штета од ракети и напади со дронови од страна на Азербејџан, кои почестo ги погодуваат сиромашните населби наместо воените бази. Оние што остануваат велат дека попрво би умреле отколку да ги напуштат своите домови.

Спорната територија, во која живеат околу 150.000 луѓе, е етничка ерменска енклава и е меѓународно признаена како дел од Азербејџан од сите земји, вклучително и Ерменија. Но, големо мнозинство од нив се етнички Ерменци, кои сакаат да се осамостојат, или пак, да се приклучат на Ерменија. Регионот се ослободи од контролата на Азербејџан во војната во 90-тите години, во која загинаа околу 30.000 луѓе.

– Се сеќавам кога првпат ги видов муџахедините додека се борев против Азербејџан во војната во 90-тите. Немав видено таква глетка дотогаш, беа облечени во бело и носеа шамии. Мислам дека беа од Авганистан. Сега ни испраќаат Сиријци. Претпоставувам дека некои работи не се менуваат – вели Сергеј Ховнесјан, Ерменец кој одбил да го напушти местото на живеење во Нагорно-Карабах. 

Ерменија, загрозена од етничкото чистење спроведено од Азербејџан во осумдесеттите години на минатиот век, како и од страна на Турција пред еден век, со текот на годините одбиваше да се откаже од седумте азербејџански провинции што ги окупира.

– Овде е ужасно. Бевме излажани, ни рекоа дека доаѓаме да ги чуваме нафтените и гасните постројки. Јас служев една тура во Либија, беше опасно, но тоа е неспоредливо со овој конфликт. Околу 250 од нас сакаат да се вратат дома – изјави Мохамед ал-Хамза, 26-годишник од Алепо, кој беше повреден од ерменско гранатирање само два дена по неговото распоредување во азербејџанската линија за поддршка.

Тој, како и многу други Сиријци, дошол со помош на турските агенции за обезбедување со цел да заработи пари. Но, тие биле ужасно излажани, според Ал-Хамза.

Цивили од обете страни се фатени во најсмртоносните борби во Јужен Кавказ во последните 25 години, во судири во кои се користат артилерија, тенкови, беспилотни летала и борбени авиони. Се претпоставува дека се убиени и стотици војници, веројатно од двете страни.

– Станува збор за бегалци кои во изминатите 30 години страдаат и се жртви на окупација. За некои од нас, војната никогаш не запре – Хадија Исмаил, новинарка од Азербејџан. 

Судирите не поштедија никого во Нагорно-Карабах. Според народниот правобранител за човекови права од Карабах, од 27 септември до 9 октомври, од страна на азербејџанските сили биле убиени 20 цивили, над 100 цивили се ранети, а околу 70.000 луѓе се раселени. Најмалку 429 етнички ерменски војници загинале во конфликтот досега, од кои повеќето биле околу 20 години.

Во неделата, канцеларијата на генералниот обвинител на Азербејџан соопшти дека досега од нападите на страна на Ерменија биле убиени 41 цивил, а бројот на повредени лица се искачи на 205. Уништени се 1.165 куќи, 57 згради и 146 јавни објекти. 

По неуспехот на прекинот на огнот со посредство на Русија, нема знаци дека борбите наскоро ќе прекинат. Зимата може да ја запре азербејџанската офанзива, но Баку тешко дека ќе се повлече додека не почувствува дека има грабнато доволно територија за да стекне предност во преговорите. Русија, Франција и САД најверојатно сега ќе треба директно да седнат и да преговараат за мир со Турција, за да направат каков било напредок за ставање на конфликтот под контрола.


Војната ги следи Сиријците

Смешно е и тажно што, на некој начин, војната ги следи Сиријците насекаде каде и да отидат. Некако, секогаш станува збор за нас, вели Ховиг Самра, кој емигрирал од Сирија во Нагарно-Карабах и отворил ресторан по започнувањето на граѓанската војна во 2011 година.

– Чувствував дека оваа војна секако ќе се случи. Ако сакате да ја знаете иднината, мора да го прочитате минатото – вели Самра.