Речиси сите коментари на претседателот на САД, Трамп, во јавноста во врска со убиството на новинарот Џамал Кашоги фрлаат едно сосема различно светло за тоа низ која диоптрија тој го гледа овој трагичен настан. Имено, невообичаено за еден светски лидер, тој убиството на новинарот го гледа само од финансиска перспектива. Според коментарите на Трамп, инсистирањето на човекови права би било еднакво на глупост, пишува Дејвид Принг Мил, консултант за медиуми и комуникации, во анализа за „Нешнел интернест“
Во почетокот на октомври, новинарот Џамал Кашоги влезе во конзулатот на Саудиска Арабија, бидејќи беше пред женидба и требаше да ги добие потребните документи. Потоа, овој 59-годишен човек, кој го очекуваше новото животно поглавје со својата љубена, беше убиен и распарчен од страна на 15 агенти. Беше објавено дека е можно неговите убијци да прошверцувале надвор од земјата делови од неговото тело во своите куфери. Исчезнати се и неколку други истакнати критичари на политиките на Саудиска Арабија.
Истражувачите на ЦИА наводно заклучиле, со висок степен на веројатност, дека убиството било нарачано лично од принцот Мохамед бин Салман. Саудиските толкувања во врска со овој настан постојано се менуваат. По одржаниот ексклузивен брифинг од страна на директорката на ЦИА, Џина Хаспел, одреден број сенатори изразија цврсто уверување дека крунисаниот принц е нарачател на ликвидацијата на Кашоги. Сенаторот Боб Коркер изјави дека ако доказите би биле презентирани пред порота, за триесетина минути би била донесена едногласна одлука за јасна вина. Меѓутоа, една претходна изјава од Белата куќа фрли сомнеж врз целата ситуација, користејќи ја фразата „можеби го сторил тоа, а можеби и не!“
Коментарите на Трамп што беа упатени кон медиумите откриваат дека тој гледа на убиството на новинарот само од финансиска перспектива.
„Во овој момент имаме одлични цени на нафтата. Немам намера да ја уништам светската економија, ниту пак економијата на нашата земја со будалесто однесување кон Саудиска Арабија“.
„Ако се скараме со нив, мислам дека цените на нафтата ќе скокнат до небо. Јас ја зачував ниската цена, а тие ми помогнаа во тоа“.
„За мене формулата е многу едноставна. Мене ме интересира ’да ја направиме Америка повторно голема’, како и ’Америка пред сѐ’“.
Сведувајќи го ова прашање на обични пароли и ставови во стилот сѐ или ништо, претседателот ја игнорираше сериозноста на политичката моќ. Тој ја пропушти можноста за промена на природата на американските односи со Саудијците, ако не поинаку, барем преку инсистирање на одговорност, целосно обелоденување на вистината и поголема толеранција кон дисидентите. Исто така, тој можеше да се повика на законот Магницки за да примени санкции кон најистакнатите лидери во Саудиска Арабија. Според коментарите на Трамп, враќањето на довербата и инсистирањето на човекови права би било еднакво на глупост.
Да бидеме коректни, голем број поранешни американски претседатели ги затвораа очите пред саудиското омаловажување на основните човекови права. Тоталитарната пустинска држава сѐ уште ги смета за прифатливи стотиците јавни камшикувања на луѓе поради неверојатно ситни т.н. прекршоци. Редовно се затвораат новинари и дисиденти. Лицата од ЛГБТ-заедницата се измачувани и егзекутирани. Неодамнешниот пресврт во настаните е вреден за обележување, делумно и поради експлицитниот став на американскиот претседател, кој го опиша и оправда влијанието што го имаат парите врз моралот. Директниот и остар стил во говорите на Трамп е еден од атрибутите за неговата омиленост кај поддржувачите. Неговите два слогана, во последно време цитирани како алиби за неговата пасивност, всушност се адаптирани верзии на претходни историски кампањи: „Да ја направиме Америка повторно голема“ доаѓа од Роналд Реган, додека „Америка на прво место“ му припаѓа на Ворен Г. Хардинг. Не е секогаш јасно кој временски период се обидуваме да го обновиме. Но јасно е дека на претседателот не му е сосема познато што е она што ја прави Америка голема: тоа се нашите вредности, кои тој премногу често ги осрамотува.
Во истиот контекст, коментарите на советникот за национална безбедност Џон Болтон звучат дури и уште поигнорантно во однос на американските вредности. За време на комуникацијата со еден новинар во Белата куќа, Болтон го објасни своето одбивање да ја слуша снимката од убиството на Кашоги со зборовите: „Освен ако не зборувате арапски, што ќе добиете од тоа? Сериозно?“
Се разбира, постојат многу важни работи што може да ги дознае тимот на Трамп со слушање на аудиоснимката од убиството, вклучувајќи ги и: почитување на концептот на човекови права (кој е нераскинливо поврзан со целиот случај), реално разбирање на постапките на нашиот трговски партнер (ослободено од апстрактност) и духовен повик кон правичност. Се претпоставува дека еден од атентаторите бил назначен за „дублер“ на убиениот Кашоги. Во текот на аудиоснимката тој коментира колку е морничаво да се носи облеката на човек што е убиен само пред неколку минути. Морничаво би било и да се слушаат делата и зборовите на убијците, па можеби токму поради тоа Трамп и Болтон не собраа доволно храброст за оваа снимка.
Во своите коментари, Трамп му даде преголемо значење на саудискиот увоз на американски производи, велејќи: „Саудијците купуваат наша стока во вредност од стотици милијарди долари. Во 2017-та, Саудиска Арабија беше дури на 20-то место на листата на нашите најголеми извозни пазари“.
Необјаснивото веднење глава пред нашиот дваесетти по големина купувач не ја става Америка пред сѐ. Таа математика е погрешна. Нафтата е ставена на пиедестал во овие релации. Таа е исто така и причина за нашата економска зависност.
Затоа, ако сакаме да важи она „Америка пред сѐ“, во оваа ситуација би требало да ја обезбедиме нејзината енергетска независност преку инвестирање во техничко-технолошка едукација и поддршка за новите технологии.
Додека Трамп се натпреваруваше во кампањата, зборувајќи за нашата меѓународна политика, тој често велеше „тие ни се смеат“. Што ли си мисли сега Саудиска Арабија, која по организираното убиство на новинар и политички експерт со база во Америка не е подложена на никакви значајни реперкусии од страна на САД? На самитот на Г20, принцот Мохамед и Путин срдечно се поздравија, додека (буквално) гласно се смееја.
Кога ја водеше претседателската трка, Трамп исто така се претстави себеси како извонреден „креатор на договори“, наметнувајќи го и понатаму имиџот на „многу стабилен генијалец“. Ако навистина ги поседува овие вештини, зошто толку цврсто верува дека не може да постигне етички договор, па дури и дека секој обид е бесполезен?
Некои аналитичари сугерираат дека Трамп одбива да реагира поради личен конфликт на интереси. Претседателот изјави: „Немам никаков бизнис со Саудиска Арабија, ниту пак сакам“. Но како и во случајот со Русија, очигледно е дека тоа не е вистина. Трамп му продаде цел еден кат од својата Светска кула на Кралството Саудиска Арабија. Во 2015 година Трамп рече: „Добро се согласувам со сите Саудијци. Тие купуваат станови од мене, трошат 40-50 милиони долари.“ Една фирма за односи со јавноста што работи за кралството потроши речиси 270.000 долари во хотелот на Трамп во Вашингтон. Зошто биле таму? Лобираа против закон што им дозволува на Американците да тужат странски влади поради нивната одговорност во настаните од 11 септември (15 од вкупно 19 киднапери беа саудиски државјани). Списокот на соработка е долг.