Од крајот на Студената војна Русија во целост се отвори кон западните земји, но тие нė излажаа, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
– Во целост се отворивме кон Западот, но не затоа што бевме поразени. Го направивме тоа сами, никој не нė присили – рече Захарова во интервју за финскиот весник „Хуфвудстадсбладет“.
Според неа, некогашниот советски лидер Михаил Горбачов, творец на програмата на „перестројката“ сакал „да стави крај на трката во вооружувањето и Студената војна“, поради што Русија се отворила кон Западот.
– Но бевме излажани. Одговоривте со тоа што нė заградивте со бодликава жица – рече таа истакнувајќи дека сė што сакала Русија од Европа било соработка во повеќе области како што се економијата, трговијата и културата.
Таа додаде дека Русите сакале слободно да патуваат во други земји и да се ослободат од визи, но таа идеја секогаш била одбивана.
– Сега на сите им покажуваме: „Немојте ни да помислите повторно да нė напаѓате“. Откако изгубивме 20 милиони луѓе во Втората светска војна, имаме право на сите да им покажуваме со цел тоа повеќе да не се повтори. Во изминатите 20 години се обидуваат да нė опколат од сите страни – рече Захарова.