Земјите-членки на НАТО треба да одлучат дали навистина не сакаат да бидат на списокот на непријателски настроени земји во Русија, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, откако лидерите на Алијансата од самитот во Брисел ја повикаа Москва да ги отстрани САД и Чешка од таа листа.
– Ако разбрав добро, НАТО изрази желба да станеме пријатели, нели. Логиката е едноставна: барањето за отстранување од списокот непријателски земји подразбира желба вас да ве сметаме за пријател – напиша Захарова на нејзиниот канал на Телеграм.
Таа посочи дека е побарано отстранување од списокот и покрај фактот што членките на НАТО продолжија да ја сметаат Русија за неодговорна и опасна, пренесуваат руските агенции.
– Време е тие да одлучат, или да престанат да измислуваат шпионски приказни, кои ги користат како изговор за воведување санкции, или да не бидат изненадени кога ќе се видат на списокот на непријателски земји – вели Захарова.
Лидерите на земјите членки на НАТО во последната изјава усвоена по самитот истакнаа дека Алијансата ќе одговори на растечкиот нуклеарен арсенал на Русија и ја повикаа да го почитува меѓународното право.