Во изминатите четири години, мисијата на ЕУ во Москва одбива да ни обезбеди список со барања за акредитација на руските новинари кои планираат да работат во ЕУ, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, пренесува ТАСС.
– Еве еден едноставен пример. Во изминатите четири години, не добивме јасен список на барања за акредитирање и давање визи за руските новинари кои сакаат да работат во Европа, од мисијата на ЕУ во Москва – прецизираше таа.
Според Захарова, постојат држави кои ја ставаат слободата на медиумите на прво место, а има и такви држави кои ја покажуваат својата посветеност на слободата на говорот само на хартија.
– Тие секој пат велат дека секоја земја има свои правила за акредитација, но кога ќе се обидеме да дознаеме за овие конкретни упатства од земја која е дел од ЕУ, оттаму исто така го одбиваат нашето барање. Во меѓувреме, кога руските новинари ја преминуваат границата за да ги покриваат настаните, им велат дека прекршиле некои правила за акредитација – објасни Захарова.
Таа истакна дека законот на Русија наведува апсолутно јасни критериуми за издавање визи за странски новинари.
– Овие критериуми се непроменети во изминатите неколку децении. Значи, ние сме посветени на она што го изјавуваме, имено да помагаме во новинарската активност, но не само со зборови, туку со дела – истакна таа.