Оружениот напад врз новинарката се случил на истото место на кое пред пет месеци таа била претепана
Новинарката на „Вијести“ Оливера Лакиќ е ранета завчеравечер пред зградата во која живее во центарот на Подгорица. Непознат маж ѝ испукал куршуми во ногата, а оружениот напад се случил на истото место на кое пред пет месеци таа била претепана. Од прострелната рана паднала на плочникот и забележала како од местото се оддалечуваат најмалку двајца мажи. Според информациите од полицијата, напаѓачот избегал низ преминот, а во грмушката што била оддалечена неколку метри била пронајдена рачна светилка.
Директорот на Ургентниот центар во Подгорица, Нермин Абдиќ, изјавил дека новинарката Лакиќ добила прострелна рана на десната потколеница и се наоѓа надвор од животна опасност.
Главниот и одговорен уредник на „Вијести“, Михајло Јововиќ, ја пренел изјавата од Лакиќ дека еден маж ѝ пришол зад грбот кога се приближила кон влезот на зградата и пукал во нејзината нога, а потоа видела како двајца мажи бегаат од местото на нападот.
– До кога ќе се случуваат вакви работи во Црна Гора? Ниеден напад над неа не е решен. Многу од приказните што ги објави, а кои укажуваат на криминал, не се истражени. До кога ние ќе стравуваме од вакви кукавици – вели Јововиќ.
Директорот на полицијата, Веско Дамјановиќ, ветил дека ќе преземе сѐ за да се открие напаѓачот. Министерот за внатрешни работи, Мевлудин Нухоџиќ, вели дека е згрозен од кукавичкиот начин на извршеното насилство врз една жена.
За овој инцидент изјава даде и премиерот Душко Маровиќ и побара од надлежните органи брза и ефикасна истрага со која ќе бидат откриени мотивите на нападот, насилниците и нивните евентуални соучесници и нарачатели.
Новинарката што е ранета последните месеци пишувала за шверцот со цигари во Црна Гора. Таа на почетокот на 2011 година истражуваше дали во фабриката во Мојковац и во нивниот магацин се чуваат лажни брендови цигари и оттаму се дистрибуираат во ЦГ. Во нејзините текстови се посочува дека во илегалната трговија со цигари се поврзани и службеници на полицијата и во Агенцијата за национална безбедност. Од февруари 2011 година таа е постојано вознемирувана и изложена на закани, а во март 2012 година била претепана на истото место на кое сега е и ранета од огнено оружје. Иако Иван Бушковиќ беше правосилно осуден за нападот над новинарката, мотивот за тоа не е утврден, како ни нарачателите.
Директорот на „Вијести“ Жељко Ивановиќ му порача на претседателот на државата Мило Ѓукановиќ дека ова нема да заврши на таков начин, а нападот на новинарката покажува дека „оваа држава дефинитивно е мафијашка држава, а Ѓукановиќ е покровител на мафијата“.
– Можете сите да нѐ убиете, некој за ова ќе одговара еден ден, кога нема да бидат сегашните претседател на Врховниот суд, врховниот државен обвинител, шефот на полицијата Енис и министерот за полицијата. Тогаш нешто од сето ова ќе се открие – изјави тој.