Контроверзиите во врска со договорот за спроведување инвестиции помеѓу Европската Унија и Кина тлеат на француската политичка сцена, заканувајќи се да еруптираат во пресрет на претседателските избори што ќе се одржат во април в година, пишува „Политико“.
Францускиот претседател Емануел Макрон се соочува со притисок откако застана зад инвестицискиот договор помеѓу ЕУ и Кина на крајот на минатата година. Се смета дека убедувањето на гласачите во придобивките од инвестицискиот договор помеѓу ЕУ и Кина ќе биде особено тешко во период кога пандемијата предизвика економска штета. Партијата на Марин Ле Пен исто така го оспорува договорот, слично како и други политичари.
Во знак на француско-германското пријателство, Макрон лично се заложи за договорот на учеството на видеоконференција со германската канцеларка Ангела Меркел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и кинескиот претседател Си Џинпинг. Од таборот на францускиот претседател тврдат дека тој го искористил договорот за да може да ја притисне кина за прашањата за човековите права.
Договорот помеѓу ЕУ и Кина нуди зголемени економски можности во замена на обврзување на азиската држава за справување со прашањето на принудниот труд. Во рамки на договорот Пекинг вети да ги ратификува меѓународните конвенции што го забрануваат принудниот труд. Договорот нема да стапи на сила се додека не биде одобрен од Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ.
– Ќе биде речиси невозможно да се ратификува овој договор пред француските избори. Француските граѓани нема да разберат зошто треба да потпишеме договор со Пекинг во сегашните околности – вели европратеничката Мари-Пјер Ведрен.
Трговските договори на ЕУ со САД и со јужноамериканските држави исто така се соочија со силна опозиција од страна на земјоделците и лобистите за животната средина.