Воената коалиција предводена од САД официјално го започна процесот на повлекување на трупите од Сирија, потврдија челните лица на армијата на САД, без да прецизицираат кога точно и со кое темпо ќе се одвива повлекувањето, пренесува „Њујорк пост“.
Полковникот Шон Рајан, кој е портпарол на воената коалиција која се бори против Исламска држава во Сирија, потврди дека е започнат на процесот на повлекувањето на трупите.
– Поради безбедносни причини, нема да разговараме за специфични временски рокови, локации или движења на трупите – стои во изјавата на полковникот за „Асошиејтед прес“.
Според информациите на Обсерваторијата за човекови права која го следи конфликтот во Сирија низ мрежа на активисти на терен, воените трупи започнале да се повлекуваат во четвртокот вечер, а станувало збор за конвој од 10 оклопни возила и неколку камиони кои од Сирија преку градот Рмеилан влегле во Ирак.
Потврда за првите повлекувања на армијата доаѓа во момент кога се појавуваат недоразбирања околу имплементирањето на одлуката на претседателот на САД Доналд Трамп за повлекувањето и заканите од Турција дека ќе ги нападне курдите, кои се долгогодишни соработници и партнери на силите на САД во борбата против Ислмска држава во Сирија.
Моментално во Сирија има 2,000 американски војници и ненадејната одлука на Трамп во декември да ги повлече од земјата откако на Твитер прослави победа над ИСИС отвори многу котроверзи и реакции во јавноста, но и ја принуди отставката на Секретарот за одбрана на Џејмс Матис. Дополнително, САД беше искритикувана и за напуштање на локалното Курдско население за време кога Турција се закани дека ќе го нападне.