Напорите на Г7 за воспоставување западна алтернатива на Кина се соочуваат и со големи пречки. Западните земји немаат централизирана точка за координација на инфраструктурните партнерства. Втората потенцијална пречка е финансирањето
Во рамките на подготовките на јунскиот самит на Групата седум (Г7) во Велика Британија, американскиот претседател Џо Бајден му предложил на британскиот премиер Борис Џонсон воспоставување инфраструктурен план што ќе биде предводен од Запад, а кој би бил пандан на кинескиот „Појас и пат“. Односите кон Кина ќе бидат истакнати на дневниот ред на самитот од 11 до 13 јуни, на кој ќе се сретнат традиционалните членови на Г7: Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД, како и претставници на Австралија, Индија и Јужна Кореја.
– Во овој момент постои вистинска можност. Глобалната потреба за вложување во инфраструктурата ги надминува потенцијалите на која било земја. Дури ни најголемите процени на БРИ нема да ги задоволат светските потреби – изјави за Радио Слободна Европа, Џонатан Хилман, директор на Проектот за повторно поврзување на Азија во Центарот за стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС).
Откако кинескиот претседател Си Џинпинг во 2013 година ја најави иницијативата „Појас и пат“ (БРИ), Пекинг насочи стотина милијарди долари во инфраструктурата во другите држави, зголемувајќи ја трговијата, а со тоа го отвори патот на Кина да воспостави политички и економски врски низ светот, пишува редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа,.
Големиот кинески потфат, кој од пекиншките власти беше наречен „проект на векот“, стана столб на кинеската надворешна политика и стратегиско средство за Пекинг, со кое се продлабочија партнерствата и кинеското влијание во светот. На почетокот „Појас и пат“ имаше поддршка и од западните земји, затоа што доби можности да ги користи услугите на модернизираните пристаништа, нафтоводи, патишта, како и вклучување на дигиталната технологија, здравствената заштита и зелената енергија. Меѓутоа, сѐ поприсутните разочарувања меѓу партнерските земји во кои се реализирани овие проекти отвораат можност за појавување на нова алтернатива на кинескиот „Појас и пат“. Бајден во март годинава изјави дека ќе ја спречи Кина да ги престигне САД и да стане „најсилната земја на светот“, а неговата администрација изнесе и планови за јакнење на соработката со своите сојузници. Европската Унија и Индија на осми мај го потпишаа партнерството за поврзување, а целта е зголемување на соработката на дигиталната и другата инфраструктура, преку јакнење на стандардите за технологијата.
Хилман нагласува дека е вистински момент напредните економии да понудат алтернатива на БРИ, која ќе се потпира на поголема транспарентност за проектите, кои се со повисок квалитет и од големо значење за земјите во развој. Светската банка соопшти дека пандемијата на ковид-19 ја турна светската економија во најголемата рецесија по Втората светска војна, а инфраструктурните потреби во светот, кои се проценуваат на 94 илјади милијарди долари за наредните две децении, сѐ уште не се исполнети. Отежнувачки елемент за кинеските инвестиции е „поткопаната доверба“ односно загриженоста од нејасните услови за земените кинески кредити. Црна Гора веќе побара помош од Европската Унија за отплата на кинескиот долг во износ од милијарда долари за изградба на автопатот. Загриженост за долгот се појави и во Унгарија, со прогласување тајност за деталите од заемот од 1,9 милијарда долари за железничкиот проект за поврзување на Будимпешта и Белград.
– Сјајот на „Појас и пат“ исчезнува. Ставовите кон Кина се сѐ поцврсти и ова е можност за Европа да почне стратегиски да размислува за сопственото соседство и пошироко – изјави Тереза Фалон, директорка на Центарот за руски, европски и азиски студии во Брисел.
За условите за западната алтернатива на кинеската иницијатива сѐ уште се расправа, но најверојатно таа ќе се дополни со претходните планови. ЕУ почна план за поврзување во 2018 година и потпиша договор со Јапонија во 2019 година, што поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе го нарече „одржливо поврзување од Индо-Пацификот до Западен Балкан и Африка засновано на правила“.
Но напорите за воспоставување западна алтернатива на Кина се соочуваат и со големи пречки. Западните земји немаат централизирана точка за координација на инфраструктурните партнерства, поради што е малку веројатно да се оствари една единствена иницијатива за соперништво на „Појас и пат“. Аналитичарите сметаат дека идните западни иницијативи веројатно ќе останат мешавина на одвоени но координирани проекти меѓу различни играчи, како што се САД, ЕУ, Јапонија и Индија.
– Политичките интереси за ова се поместуваат, но сѐ уште не е развиена соодветна алтернатива. Беше доволно тешко секоја земја да изработи сопствен систем, а не пак да се натераат да соработуваат и да се координираат заедно – вели Ендрју Смол, соработник во Маршаловиот фонд во Берлин, за РСЕ.
Втората потенцијална пречка е финансирањето. Јавните фондови на земјите од Г7 можат да обезбедат дел од средствата, но поголемиот износ треба да дојде од приватните фондови, кои традиционално се резервирани да се вклучат во инфраструктурни проекти од големи размери. Згора на ова, многу земји од Западот се внимателни во поглед на воспоставување глобални иницијативи, кои би можеле да се протолкуваат како директно ривалство на „Појас и пат“, или за други облици на соработка, кои би можеле да се сметаат како сојуз против Кина.