Односот на Виктор Орбан со неговото семејство од Европскиот парламент конечно дојде до прекин. По годините исполнети со тензии, многумина членови на Европската народна партија (ЕПП) почувствуваа олеснување кога унгарскиот премиер излезе од ЕПП пред неговата партија Фидеш да биде исклучена, пишува „Политико“.
Орбан соопшти дека пратениците од Фидеш ја напуштаат ЕПП, најголемата партија во европскиот блок, откако таа одобри менување на прописите со што го отвори патот за суспендирање на Фидеш.
За критичарите на ЕПП разделбата беше очекувана. Тие ја обвинуваа ЕПП дека со години „мижеше“ додека унгарската влада ги уназадуваше демократијата, човековите права и владеењето на правото, Орбан редовно ги напаѓаше институциите на ЕУ, а Фидеш го прифати екстремниот десничарски популизам.
„Фидеш“ гневно ги отфрли промените додека лидерите на ЕПП со години тврдеа имаат широка коалиција, односно дека е подобро да се задржи Орбан во неа. Прашањето за Орбан и за ЕПП сега е дали прекинот ќе им биде од корист или ќе им нанесе штета на долгорочен план.
Краткорочно, двете страни претрпеа загуби. ЕПП остана без 12 европратеници (иако еден член на Фидеш е суспендиран), но сепак и натаму е најголемата партија во Европскиот парламент. Фидеш, пак, го загуби местото во голема, влијателна и богата политичка сила која претставуваше платформа за интересите на партијата на европската сцена.
Лидерите на ЕПП јавно не сакаа да зборуваат за победа и за пораз, но посочија дека промената на прописите била поддржана од европратениците (148 за, наспроти 28 против), во изјава која сугерираше дека Фидеш станала изолирана во ЕПП.
Тензиите помеѓу Фидеш и членовите на ЕПП траеја со години. Членството на Фидеш во ЕПП беше суспендирано уште од март 2019 година. Но нејзините пратеници останаа дел од групата на ЕПП во Европскиот парламент, наспроти чекорите за нивно отстранување.
Останува да се види дали други пратеници ќе ја напуштат ЕПП, со што се смета дека тоа би можеле да го сторат оние кои гласаа против промените. Тука спаѓаат словенечкиот премиер Јанез Јанша и австрискиот канцелар Себастијан Курц. Следното поглавје во сагата помеѓу Фидеш и ЕПП ќе се сведе на прашањето дали партијата на Орбан ќе биде потполно исклучена од „чадорот“ на ЕПП или повторно ќе замине сама пред тоа да се случи.