Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани денеска имаше куса средба со извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг во Брисел, пред сослушувањето на Закерберг пред ЕП.
Закерберг пред пратениците во ЕП ќе одговара на прашања за скандалот во врска со продажбата на податоци на корисници на социјалната мрежа на агенцијата „Кембриџ аналитика“ и влијанието на тој скандал врз околу 2,7 милиони граѓани на Европската унија.
Фејсбук соопшти дека престојот на Закерберг во Брисел е временски многу ограничен и нема да има други состаноци.
Но, портпарол на Фејсбук информира дека Закерберг ќе има многу богат распоред во Париз, каде заминува уште утре и каде ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон и ќе учествува на технолошки самит. Освен тоа, тој ќе им се приклучи на тимовите од компанијата на одбележувањето на третата годишница од основањето на европската лабораторија за истражување вештачка интелигенција.
Поради сите тие обврски, Закерберг нема да присуствува на прес-конференцијата која Тајани ќе ја одржи по сослушувањето во ЕП.