Одлучувачките тела на ЕУ (Парламентот и Советот) доцна вчера постигнаа договор за директивата наречена „рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот“ која за прв пат предвидува задолжително породилно отсуство за мажите, јавува дописничката на МИА во Брисел.
Иако постигнатиот компромис многумина го сметаат како минимален, усвојувањето на директивата вчера беше поздравено од Европската Комисија како чекор кон „поквалитетен живот за граѓаните на ЕУ“, чекор кон поголема родова еднаквост и „убав ден за социјална Европа“, изјави комесарката која ги водеше преговорите, Маријан Тејсен.
Највпечатлив дел од компромисот е воведувањето на задолжително породилно отсуство за татковците од десет дена минимум во цела ЕУ. Породилното за мажите ќе изнесува онолку колку што чини ден боледување во секоја земја. Европскиот Парламент во преговорите бараше породилното за татковците да изнесува 80 отсто од бруто платата, но земјите членки одбија.
Досегашната директива не предвидуваше ништо за отсуството на мажите по раѓањето на нивното дете и во многу земји сѐ уште се смета за “природно“ мајката да биде единствениот родител кој зема породилно. Во одредени земји членки пак овој компромис не менува ништо суштинско бидејќи тие веќе предвидуваат отсуство за татковците во своето национално законодавство.
Важно е да се напомене дека во директивата концептот е наречен “втор родител“ за да можат да бидат покриени и хомосексуалните двојки. На оваа тема преговорите биле најтешки поради источноевропските земји кои не признаваат геј бракови. Директивата нема да може да се применува на хомосексуалните двојки кои живеат во земји каде ваквата заедница не се признава законски.
Друг тензичен аспект на оваа директива за време на преговорите било обичното родителско отсуство, неговото времетраење и можноста за трансфер од мајката на таткото.
Финалниот компромис предвидува минимум четири индивидуални месеци, од кои два не смеат да му бидат префрлени на другиот родител. Одлуката дел од породилното да не смее да се трансферира се должи на фактот што кога постои можност за префрлање на породилното, во најголем број случаи тоа се прави кон мајката.
Директивата предвидува да биде одреден минимален “адекватен“ износ за тие два месеца кои не смеат да бидат пренесени на другиот родител, но без повеќе детали, што значи дека во голем дел останува дискрециона одлука на секоја земја членка.
Европската Комисија предлагаше да се оди до 50 отсто од платата, но голем број земји членки се спротивставија, тврдејќи дека е финансиски неизводливо.
Според познавачите на досието, оваа директива ќе има силен импакт врз најмалку единаесет земји членки, од кои Германија и Австрија, кои ќе треба да го менуваат националното законодавство. Концептот на “нетрансферабилност“ ќе треба да биде воведен во дванаесет земји, каде тој не постои, а девет земји членки ќе треба да ги менуваат стапките на исплата на породилните отсуства.
Европските синдикати и граѓанските организации го поздравија усвојувањето на оваа директива како договор кој ја оживува социјална Европа.