Творецот на Фејсбук, Марк Закерберг, вчера загуби 16,8 милијарди долари за неколку минути, откако акциите на неговата компанија забележаа пад од 19 проценти, но тоа веројатно воопшто нема да го загрижи, пишува „Вашингтон пост“. Вредноста на компанијата „Фејсбук“, пак, опадна за 119 милијарди долари, што претставува најголемата еднодневна загуба во историјата на САД.
„Трилитиум асет менаџмент“, кој е меѓу акционерите на „Фејсбук“, поднесе предлог според кој Закерберг треба да биде сменет од неговата функција на извршен директор во компанијата, поради падот на акциите и лошиот публицитет годинава.
Огромните загуби претставуваат значителни проблеми и знаци за голема криза за јавноста, но претприемачите честопати велат дека тоа се само мали уназадувања на патот кон успехот.
Најбогатиот човек на светот, моментно, основачот на „Амазон“ Џеф Безос (поседува богатство проценето на 148,9 милијарди долари, според магазинот „Форбс“), неодамна истакна дека „попатно имал неуспеси што чинеле милијарди долари“. Извршниот директор на компаниите „Тесла“ и „Спејс екс“, Илон Маск (има богатство од 20 милијарди долари), порача оти „неуспехот е опција“, додавајќи дека „нема доволно иновација, ако работите не пропаѓаат“. Закерберг кој сега „тежи“ 67 милијарди долари, посочи дека „повеќето работи што сте ги сториле биле погрешни, доколку сте успешен“.
– Закерберг, Маск и Безос ги прифаќаат сопствените неуспеси, тврдејќи дека тие се пресудни за создавање на нивниот успех – пишува „Вашингтон пост“.