Германската канцеларка Ангела Меркел е меѓу германските политичари погодени од голем хакерски напад во кој се објавени нивните лични податоци, вклучително и информации за кредитните картички и броевите на мобилните телефони.
Бројот на нејзиниот факс, електронската адреса и неколку писма се меѓу податоците кои протекоа на интернет преку профил на Твитер, за кој не се знае чиј е.
Засега не се знае дали објавените писма што ги испраќала и примала од другите содржат доверливи информации.
Инфорадио рбб, со седиште во Берлин, јави дека хакирањето на личните податоци на стотина германски политичари на сојузно и државно ниво било откриено доцна синоќа.
Податоците на политичарите објавени на Твитер вклучуваат адреси, приватни писма и копии на лични документи, наведува рбб.
Погодени се сите поголеми германски партии, со исклучок на крајно десната АфД. Идентитетот на хакерите и нивните мотиви не е познат.
Германската министерка за правосудство Катарина Барли го осуди „сериозното“ протекување на личните податоци на политичарите на интернет нарекувајќи го напад врз демократијата.