Животниот век на децата родени денес, во просек ќе биде намален за 20 месеци со дишење на загаден воздух, што е глобален проблем со кој се соочува јужна Азија, покажува неодамнешна студија, а пренесува „Гардијан“.
Загадувањето на воздухот беше фактор во една од десет смртни случаи во 2017 година, правејќи го најголемиот „убиец“, поголем од маларијата, сообраќајните несреќи и од пушењето цигари, вели истражувањето на „Стејт глобал ер“ објавено денес.
Во јужна Азија, се очекува животниот век на децата да се намали за 30 месеци, а во суб-сахарска Африка за 34 месеци, поради комбинацијата од надворешното загадување на воздухот, предизвикано од автомобилите и индустријата, како и од загадувањето од застарените ќумбиња во домовите. Во источна Азија, загадувањето на воздухот ќе го намали животниот век на децата за околу 23 месеци. Поради овие причини, истажувачите предвидуваат животниот век на децата во развиените земји да биде намален за 5 месеци.
– Кратењето на животот на децата доаѓа како вистински шок, но нема магичен лек освен владите во светот да преземат чекори – рече Роберт О‘Киф, заменик претседател на Институтот за здравствени ефекти.
Иако младите деца се соочуваат со конкретни закани, како неправилно развивање на белите дробови што би оставило последици низ целиот нивен живот, возрасните лица исто така спаѓаат во ризичните групи. Скоро девет од 10-те смртните случаи поврзани со загадувањето на воздухот се лица над границата од 50 години. Смртноста на постарата популуација поради загадувањето на возухот ќе се зголеми во следните години, рече О‘Киф.
Загадувањето на воздухот е одговорно за 41 отсто од глобалните смртни случаи од хронични опструктивни пулмонарни заболувања, 20 отсто од тип-2 дијабетес, 19 отсто од рак на бели дробови, 16 отсто од срцеви болести и 11 отсто од мозочни удари, според извештајот, кој е опишан како најсистематската годишна студија за последиците врз здравјето од глобалното загадување на воздухот.
Проблемите со воздушното загадување претставуваат причина за загриженост секаде во светот, а истражувањата за загадувањето на воздухот го поврзуваат со сериозни негативни влијанија врз здравјето на луѓето, како што се деменцијата и спонтаниот абортус. Голем број експерти ја опишаа мометната состојба со загадувањето како глобална тревога.
Според О‘Киф, мерките кои треба да се преземат вкучуваат инвестирање во електрични возила и обновливи извори на енергија. Тој предупреди дека инвестирањата во некои видови инфраструктури кои работат на јаглен можат да бидат константни извори на загадување.