Изградбата на гасоводот Северен тек 2 е целосно завршена денеска наутро, соопшти рускиот гасен гигант „Гаспром“.
Претседателот на Извршниот одбор на „Гаспром“, Алексеј Милер, ја соопшти веста на утринскиот состанок, објави руската новинска агенција ТАСС.
Се очекува руската енергетска компанија да започне со испорака на гас за Германија преку новиот гасовод во октомври.
Изградбата требаше да заврши во 2019 година, но беше одложена поради противење на САД, кои гасоводот го сметаат за руски геополитички проект. Вашингтон воведе санкции за некои од компаниите вклучени во проектот.
Американската влада ја критикуваше изградбата на гасоводот, тврдејќи дека ќе ја направи Европа премногу зависна од Русија за снабдување со енергија, што ќе доведе до тензии, особено со Германија.
Сепак, во јули Вашингтон и Берлин објавија договор со кој ветија дека ќе преземат акција во случај Русија да се обиде да ја искористи енергијата како геополитичко оружје, односно ако преземе дополнителни агресивни потези против Украина.
Северен тек 2 во Германија годишно ќе испорачува 55 милијарди кубни метри руски гас.