Некои глобални авиокомпании ги пренасочија летовите за да го избегнат воздушниот простор над Ирак и Иран, по иранските ракетни напади врз две бази во Ирак кои се користат од страна на американските трупи.
Австралиски „Кантас“ соопшти дека ќе ја промени својата рута од Перт до Лондон, што значи дека ќе мора да превезува помалку патници и да користи повеќе гориво, за да може авионите на таа линија да летаат 40 до 50 минути подолго.
„Малезија ерлајнс“ исто така соопшти дека нивните авиони ќе го заобиколуваат воздушниот простор над Иран заради безбедносната ситуација.
„Сингапур ерлајнс“ изјави дека нивните авиони на пат кон Европа ќе го избегнуваат небото над Иран.
Американската Федерална управа за авијација (ФАА) им забрани на американските превозници да летаат во воздушниот простор на Ирак, Иран, Оманскиот Залив и водите меѓу Иран и Саудиска Арабија, по вчерашните ирански ракетени напади врз две бази на американските трупи во Ирак.
По ваквата објава и Индиската дирекција за цивилно воздухопловство исто така ги советуваше индиските компании да го избегнуваат воздушниот простор над Ирак, Иран и Персискиот Залив.