Европската Унија донираше 250 камили на Мавританија, како дел од напорите оваа западноафриканска држава да се справи со заканите од џихадистите и да се зајакне безбедноста во граничната област Сахел.
Началникот на армијата на Мавританија, генерал-полковник Масагаро Олд Сиди, рече дека новите животни ќе ги зајакнат неговите единици на камили, кои ги чуваат границите на земјата.
Сепак, пристигнувањето на животните во градот ги забавуваше локалните жители, кои на подарокот од ЕУ гледаат со изненадување, бидејќи нивната земја е позната по големата популација на камили. Постот на новинската агенција Ал-Акбар на Фејсбук собра стотици коментари.
„Дојдоа како подарок од Европа, но тие секогаш беа тука?“, зачуден е еден корисник на мрежата. „ЕУ има камили?“, праша друг. „Зошто не ни даваат оружје или воена опрема што вреди нешто?“, запраша трет корисник.
Некои потсетија дека Мароко неодамна доби радар од ЕУ и Шпанија за да се справи со имигрантите, додека други велат дека овој подарок е навреда и потсмев за луѓето од Мавританија.
Како што наведе „Би-Би-Си“, камилите биле донирани во рамки на помош во вредност од 13 милиони евра од ЕУ за зајакнување на развојот и безбедноста на земјата.
Мавританија е на удар на џихадистите во последните години.
Воените единици на камили постојат повеќе од 100 години, но од неодамна беа распоредени во оддалечените гранични области.