Седум милиони луѓе умираат од загадување на воздухот годишно низ целиот свет, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).
Според оваа организација на Обединетите нации, девет од десет лица дишат воздух што содржи високо ниво на загадени материи. Една третина од смртните случаи предизвикани од мозочен удар, карцином на белите дробови и срцеви заболувања се резултат на загадување на воздухот, што е еквивалентно на ефектот на пушењето, според ООН.
– Од смогот што ги прекри градовите до чадот во затворените простории, загадувањето на воздухот е голема закана за здравјето и климата. Комбинираните ефекти од загадувањето на околината и домаќинствата секоја година предизвикуваат околу седум милиони предвремени смртни случаи, предизвикани главно од мозочен удар, срцеви заболувања, хронични опструктивни белодробни заболувања, карцином на белите дробови и акутни респираторни инфекции – објаснуваат од СЗО.
Тие додаваат дека повеќе од 80 проценти од луѓето кои живеат во градските средини каде се следи квалитетот на воздухот се изложени на ниво на загадување на воздухот што ја надминува безбедносната граница на Светската здравствена организација.