Пред Кери Лам да се најде во средиштето на најголемата политичка криза во Хонгконг по враќањето под кинеска власт пред 22 години, нејзината политичка кариера беше во подем. Сега, пак, се соочува со протестите во рамките на кои околу два милиони незадоволни граѓани демонстрираат на улиците барајќи нејзина оставка, пишува „Фајненшл тајмс“.

Во првите две години од нејзиниот петгодишен мандат, властите и судовите во Хонгконг ги протераа продемократските законодавци од градскиот легислативен совет, ги исклучија осомничените поддржувачи на независност од трката за места во легислативниот совет и ги затворија лидерите на движењето за граѓанска непослушност кое ја окупираше бизнис-областа во Хонгконг во 2014 година, барајќи фер избори. Лам дојде на власт со избор на комитетот составен од членови кои го поддржуваат Пекинг.

Лидерката на Хонгконг е позната по цврстиот начин на владеење и лојалноста кон кинескиот претседател Си Џинпинг, од кого ја усвои политиката за „нулта толеранција за независност“. Поранешната британска колонија од 1997 година стана „специјален административен регион“ каде што граѓанските слободи се заштитени со спогодбата „една држава, два системи“.

Но во февруари, Лам, направи погрешна пресметка, кога предложи амандман што ќе овозможи екстрадиција на Кина, на секој што поминува низ територијата на Хонгконг, доколку е баран за одредени прекршоци.

Ваквата мерка веднаш предизвика критики од сите слоеви на општеството, вклучувајќи ги активистите за независност и бизнис-заедницата.

Два големи собири ја принудија Лам да го одложи контроверзниот закон на неодредено време. Но, околу два милиони луѓе (од вкупно 7,4 милиони во Хонгконг) повторно излегоа на улиците за да бараат отфрлање на амандманите и оставка од Лам.

Се чини дека лидерката на Хонгконг немаше претстава дека нејзиниот цврст начин на владеење создал толку големо незадоволство – особено меѓу младината. Таа го протолкува нејзиниот пораз како изолирана грешка која настанала од лошата комуникација со народот, по што упати јавно извинување. Но, веројатно се наоѓа во безизлезна политичка ситуација.

– Тешко е да се види како Лам ќе се опорави од политичката криза, со нејзината ограничена комуникација со луѓето, односно како ќе ја придобие довербата на милионите луѓе кои демонстрираат против неа. Во најдобар случај таа проформално ќе го отслужи остатокот од мандатот, но за да добие втор мандат ќе биде потребно неверојатно политичко воскреснување – се заклучува во анализата на „Фајненшл тајмс“.