Европската Унија планира да инвестира околу 230 милиони евра во системот за набавка на вакцини „Ковакс“
Европската Унија (ЕУ) сака да инвестира во околу 88 милиони дози на вакцината против коронавирусот наменети за сиромашните земји, како дел од нејзиното учество во светските напори за обезбедување безбедна и еднакво дистрибуирана имунизација, соопшти Европската комисија во петокот.
Комисијата заедно со сите 27 членки на ЕУ, под знамето на „европскиот тим“, ќе даде свој придонес во системот за набавка на вакцини „Ковакс“, со првични 230 милиони евра во готово, преку заем од Европската инвестициска банка. Оваа сума ќе се додаде на резервите или на опциите за набавка на 88 милиони дози, а ЕУ „ќе ги распредели“ во земјите со ниски и средни приходи што ќе ги исполнуваат условите, се вели во соопштението за кое пренесе „Политико“. Друг придонес во висина од 170 милиони евра ќе биде во форма на гаранции од европскиот буџет. Комисијата прво ја најави својата намера да понуди гаранции во висина дури до 400 милиони евра за „Ковакс“ на 31 август. Рокот за државите формално да го потврдат нивното учество истече во петокот.
Комисијата порача дека целосните детали за нејзиниот удел во „Ковакс“ сè уште се дискутираат. Во соопштението за медиумите се истакнува дека комисијата „бара од производителите да го стават на располагање својот производствен капацитет за сите држави и повика на слободен проток на вакцини и материјали без рестрикции за извозот“, што е во рамките на договорите за напредни набавки во име на 27-те членки на блокот. Соопштението беше објавено кога светските здравствени власти искажаа загриженост дека договорите за напредни набавки го зголемуваат ризикот дека нема да има доволно дози за посиромашните земји, пренесе „Политико“.
Истакнувајќи го новиот договор за кандидатка за вакцина од „Санофи-ГСК“, кој беше претставен во петокот, Европската комисија порача дека производителот ќе „направи напори за да обезбеди значителен дел од снабдувањето со вакцините“ преку „Ковакс“.