Неможноста на фармацевтските компании да го исполнат својот дел од обврските за испорака на договорените бројки на вакцините против ковид-19 кон земјите во Европа предизвика тензии и најава за забрана на извоз на вакцини надвор од ЕУ. Ваквите одлуки на Брисел може да предизвикаат проблеми во процесот на светската имунизација против ковид-19
Како резултат на зголемувањето на тензиите меѓу фармацевтските компании и државите на Стариот Континент поради неможноста здравствените гиганти да го исполнат својот дел од обврските за снабдување кон Европа, Европската комисија почна шема за следење на извозот на вакцини, оставајќи ја отворена вратата за одлука за забрана на извозот на вакцини надвор од Унијата. Ваквите одлуки во ЕУ се очекува да се спроведат неделава, кои, според најавите, треба да бидат во сила некаде до март. Ова меѓу другото го наведува угледниот бриселски магазин „Еурактив“, кој во својот текст пишува дека ваквите најави за забрана на извоз на вакцини надвор од ЕУ може дополнително да предизвикаат проблеми во процесот на светската имунизација против ковид-19.
– Сега ни треба транспарентност за тоа каде одат вакцините што ги обезбедивме и да овозможиме да стигнат до нашите граѓани. Минатата година работевме напорно за да добиеме договори за набавка од производителите на вакцини за да им донесеме вакцини на граѓаните, во Европа и пошироко. Им дадовме финансиска помош на компаниите за да го изградат потребниот капацитет за производство на вакцини, така што испораките треба да се одвиваат непречено, но под висока контрола – изјави комесарката за здравје и безбедност на храна Стела Киријакидес.
Компаниите да ги исполнат своите обврски прво кон Унијата
Во исто време, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, порача дека ЕУ инвестирала милијарди евра во развој и производство на вакцини против ковид-19 и дека сега со право очекува фармацевтските компании да го исполнат својот дел од обврските кон Европа.
– Сега компаниите треба да го испорачаат својот дел од работата и да ги исполнат своите обврски. Затоа воспоставуваме механизам за транспарентност при извозот на вакцини. Европа е решена да придонесе за глобалното добро, но ние, исто така, бараме да се почитуваат договорите – рече Фон дер Лејен во видеопорака објавена на нејзиниот профил на Твитер.
ЕК објаснува дека целта на механизмот се јасни информации за тоа каде одат вакцините против ковид-19 произведени во Европа.
– Не станува збор за тоа дека ние не сакаме некој друг да добие вакцини, туку за компаниите со кои имаме потпишано договори да ги исполнат своите обврски кон нас. Јасно е дека на сите им се потребни вакцини, но исто така е јасно дека ЕУ вложи многу пари за да обезбеди дека ќе ги добие потребните дози, и тоа не во кое било време, туку што е можно побрзо – изјави портпаролот на Еврокомисијата, Ерик Мамер.
Во Африка досега вакцинирани само 25 лица
Во меѓувреме, британски „Гардијан“ пишува дека иако шеесет милиони дози на вакцини против ковид-19 веќе се дадени во светот, вкупниот број луѓе од Африка што се вакцинирани досега би можеле да се соберат на горниот кат од еден лондонски автобус. Според податоците на Светската здравствена организација од 21 јануари, на целиот континент од 1,3 милијарда луѓе, вакцинирани се само 25 луѓе. Тие дваесет и петмина од Гвинеја се единствените вакцинирани жители од сите држави во светот со ниски примања.
Некои држави со средни примања, пред сè Индија, почнаа амбициозни програми на вакцинација, но сиромашните ја изгубија трката. Механизмот „Ковакс“ е воспоставен за широка пристапност на вакцините. Се тврди дека од производителите веќе се обезбедени 200 милиони дози, а се очекува дека ќе се добијат вкупно две милијарди дози. Досега уште ништо не е испорачано.
Сиромашните земји оставени сами на себе
Според британскиот магазин, дел од проблемот претставува правењето резерви. Најбогатите земји нарачале повеќе од четири милијарди дози, често плаќајќи повеќе за да се протуркаат прекуред. Тоа значи дека 16 отсто од светската популација добиле 60 отсто од вакцините. Интересно е, како што наведува весникот, дека Канада досега нарачала вакцини доволни пет пати да ги имунизира своите жители.
– Не треба да се занемари ни неспособноста на владите, за што пример е Јужна Африка, како и недостигот од инфраструктура за дистрибуција. Но проблемот главно се сведува на неуспехот на системот заснован на профит во околности на голема општествена неволја – пишува „Гардијан“.
Некои сиромашни држави беа принудени да влезат во директни преговори со фармацевтските компании. Така, Јужна Африка нарачала 1,5 милион дози од вакцината на „Астра Зенека“, но ќе ја плати 5,25 долари за доза, што е двојно повеќе од цената што ја плаќаат Европејците. Изработката на вакцините против ковид-19 е сведоштво на научната генијалност. Меѓутоа, нејзината скандалозна дистрибуција е демонстрација на бесрамниот морален слом, оценува магазинот.
Ново истражување за климатските промени открило дека две третини од луѓето во светот гледаат на оваа појава како на „глобална вонредна состојба“.
Објавата на Програмата за развој на Обединетите нации за климата покажува дека 64 отсто од анкетираните се изјасниле дека климатските промени се глобална вонредна состојба. Експертите за анкетирање на Универзитетот во Оксфорд зеле голем примерок на испитаници од 1,2 милион луѓе низ 50 земји за да го направат репрезентативен за возраста, полот и образованието, што резултира со мали маргини на грешка од плус/минус два отсто. Резултатите од анкетата посочуваат дека широка поддршка има, најпопуларно, зачувувањето на шумите и земјиштето (54 отсто јавна поддршка), повеќе соларни, ветерни и обновливи извори на енергија (53 отсто), усвојување земјоделски техники приспособени на климата (52 отсто) и повеќе инвестиции во зелени бизниси и работни места (50 отсто). Генерално, помладите луѓе повеќе се согласуваат со ставот дека зголемувањето на температурите е вонредна состојба, со речиси 70 отсто „за“. Луѓето постари од 60 години за ова се изјасниле со 58 отсто. Претседателот на САД, Џо Бајден, може да се утеши дека 65 отсто од анкетираните во Америка сметаат дека климатските промени се итни случаи.