Планот на Европската Унија за фондот за закрепнување од 750 милијарди евра и седумгодишниот буџет од 1,1 трилиони евра, беше попречен од Унгарија и од Полска, кои се противат на новите гаранции за владеењето на правото, кои можат да доведат до ускратување на парите за државите кои ги прекршуваат, пишува „Фајненшл тајмс“.
Ќорсокакот би можел да ги принуди членките на ЕУ да се воздржат од плановите за јавни инвестиции потребни за создавање на работни места и за развој во следните три години. Владите во Унгарија и во Полска никогаш досега не блокирале европска иницијатива од такво значење, но не се соочиле ниту со реална закана од ЕУ-санкции за нивните авторитарни постапки.
Сега товарот паѓа врз Ангела Меркел, преку германското претседавање со ЕУ да го реши проблемот за чие создавање таа придонесе. Најлош одговор би бил обидот за откажување од гаранциите за владеењето на правото. Тоа само би го поттикнало однесувањето за „држење заложници“ од страна на Будимпешта и Варшава додека ја подриваат довербата во вредностите на ЕУ во блокот. Повеќето членки и Европскиот парламент не би го одобриле таквото решение во ниту еден случај.
Брисел може да се надева дека ќе ги убеди Унгарија и Полска да се повлечат преку нудење на писмени уверувања дека владеењето на правото нема да цели кон одредени држави и оти ќе вклучува ригорозен правен процес. Меркел, заедно со уверувањата, би требала да испрати и недвосмислена изјава дека не смее да има дополнително отстапување од демократските стандарди или независноста на судството.
ЕУ исто така треба да подготви и дополнителни планови за воспостувањето на фонд настрана од нејзините институции, за да го заобиколи ветото од Унгарија и од Полска. Таквото решение има многу лоши страни, но е кредибилна алтернатива неопходна за да се одговори на нивниот блеф.
А најпосле, ЕУ треба да застане во цврст став. Поделбата на средствата од фондот требаше да почне во текот на следната година, па одложувањето не би било катастрофа. Без договор, стариот буџет на ЕУ ќе важи од јануари, додека новиот пропис за гаранциите во секој случај ќе се активира. А Унгарија и Полска имаат многу да загубат. Време е да се одреди цената на нивната уцена, заклучува „Фајненшл тајмс“.