Се очекуваше вчера Европската Унија да го отфрли барањето на британската премиерка Тереза Меј за тримесечно одложување на брегзит и да постави нов датум, не подоцна од 22 мај. Меј побара од Унијата продолжување на преговарачкиот период до 30 јуни, за да може да се усвои потребната легислатива доколку таа конечно ја добие поддршката од британските парламентарци за нејзиниот договор за брегзит. Амбасадорите на ЕУ на завчерашниот состанок се согласија дека преголеми се ризиците Британија да остане членка по 23 мај, за кога се закажани изборите за Европскиот парламент. Во текот на разговорите, некои амбасадори поддржувале подолг период, а некои пократок, но била постигната согласност дека 22 мај е крајниот датум. Шефовите на влади и држави на ЕУ вчера требаше да дискутираат во Брисел, а пред дискусијата беше предвидено да им се обрати премиерката Меј. Тие мора едногласно да го поддржат продолжувањето на датумот и тоа да биде запишано во заедничката декларација на самитот.
– Последниот рок мора да биде 22 мај. Причина за тоа е што мора да има многу јасна порака од Европскиот совет. За кратко продолжување под услов премиерката да го протне нејзиниот договор во парламентот. Но, по тој датум, станува крајно комплицирано. Нема да може да биде сторено тоа без да бидат избрани британски претставници во Европарламентот – истакна висок дипломат од Брисел. Ставот на амбасадорите не претставува промена во расположението на земјите-членки, кои не сакаа да го прифатат заклучокот на Европската комисија дека продолжувањето не може да биде по 23 мај без да бидат избрани британските европарламентарци.
Од друга страна, Меј завчера ги обвини британските пратеници за кризата околу брегзит. Таа изјави дека лично многу жали за претходното барање до лидерите на ЕУ27 за тримесечно одложување на брегзит.
– За ова сум апсолутно сигурна: на вас, јавноста, доволно ви беше. Заморени сте од внатрешните расправии. Заморени сте од политичките игри и матните процедурални караници. Заморени од пратениците што зборуваат само за брегзит и за ништо друго, кога имате реални грижи за училиштата на вашите деца, за нашиот здравствен систем. Сакате оваа фаза од процесот на брегзит да заврши. Се согласувам. Јас сум на ваша страна. Време е пратениците да донесат одлука – порача Меј.