По обелоденувањето дека смртта на украинскиот новинар Андреј Бабченко била организирана од украинските безбедносни служби, новинари во Брисел се интересираат за вмешаноста на ЕУ во случајот.
ЕУ во Украина има мисија чија улога е да ги советува властите за реформите на безбедносните служби и тесно соработува со нив.
На денешниот редовен брифинг на Европската комисија за новинарите беше поставено прашањето дали ЕК била информирана за планот на украинските служби.
-Вистина е дека имаме мисија во Украина која работи со украинските власти на реформата на службите на цивилна безбеноста, тоа е нивниот мандат, но операцијата беше на безбедносните служби без учество од наша страна- порача Маја Коцијанчич, портпарол на ЕК.
Европската комисија очекува од Киев да добие повеќе детали за причините за лажната вест со Бабченко и потсетува дека е „важно да се заштити работата на новинарите“.
-Украина е во посебна безбедносна ситуација со Крим и источниот дел од земјата и во овој контекст Украина има право да реагира за да го заштити својот национален интерес- изјави Коцијанчич.
Повеќе организации за заштита на новинарите и на човековите права вчера најстрого го осудија лажното убиство на Бабченко, за кое беше обвинета Русија. Европската федерација на новинари беше меѓу првите.
ЕФН изјави дека тоа претставува „неприфатлива манипулација на јавното мислење“ и не е уверена во објаснувањата на украинските власти.